Граѓани реагираат дека во екот на туристичката сезона во Охрид, низ централното градско подрачје можат да се видат преполни контејнери со отпад. Потенцираат дека комуналната хигиена е еден од основните услови кои треба да бидат исполнети во град кој важи за туристичко место кое го посетуваат гости од земјава, но и странство.


–    Не можам да се изначудам и никако да сфатам, зарем ова е нашата туристичка гордост, зарем ова е нашиот Ерусалим на Балканот. Зарем вака ќе чекаме туристи и што тие ќе кажат кога ќе се вратат од таму каде што дошле. Дали на овој начин ги разбравме препораките од рекламите кои Владата ги плаќа по медиумите за добри домаќини?, прашува наша сограѓанка.


Охриѓани со став дека независно од тоа во каква финансиска состојба се наоѓа јавното претпријатие кое го подига отпадот, не смее да се случи граѓаните и гостите да гледаат слики на преполни контејнери.

–    Дали ова е истото ЈП Комуналец од Охрид кое до ланската година го креваше ѓубрето нон стоп во стилот 24/7? Дали ова е истиот тој Комуналец кој како што ни кажаа бил во огромни долгови и несовесно бил раководен, но сепак сликата од градот не беше ваква. Кој беше мислителот кој одлучи да се тргнат контејнерите од стариот дел на градот, каде што ѓубрето кое што беше поставено на едно место, сега после 01.00 часот касно во ноќите е распространето пред секој угостителски објект. Деновиве се чуствував како да се движам низ охридската депонија Буково, а не низ уличките од стариот град. А за контејнерите пред Рамстор и Тинекс да не Ви кажувам. Нема момент кога и да поминам, а да не ја видам истата слика, преполни контејнери, а и купишта ѓубре околу нив, додава охриѓанка која се обрати до редакцијата на OhridNews.


Од јавното претпријатие „Охридски комуналец“ потенцираат дека отпадот се подига редовно и дека во текот на сезоната поради зголемувањето на бројот на гостите во градот, подигањето се врши со зголемен интензитет.

OhridNews