Во текот на вчерашниот ден, Рој на работниот состанок помеѓу тимот од компанијата „Сахара Индија Паривар“ и владина делегација, посочил дека изградбата на туристичкиот ресорт „Сахара Македонија“ се очекува да започне во март идната година. Иако мислењата на охриѓани се различни, сепак повеќето се согласуваат дека проектот на иднискиот бизнисмен е премногу добар за да биде реален.
„Некако премногу фама се крена околу овој „филмски проект“. Недовербата се должи поради бројните афери кои ја имаат потресено земјава од нејзиното осамостојување и шпекулациите кои изминативе месеци кружат низ јавноста околу оваа инвестиција. Едноставно не верувам дека овој проект ќе биде реализиран.“ – вели постар охриѓанец.
Други пак кои нагласуваат дека инвестицијата е реално остварлива и профитабилна, сепак се доста резериварни околу предвидениот индиски проект.
„Пред да се почне со реализирање на проектот, немам никакво мислење. Ако некој сака да вложи во тоа место, сигурно дека вратите му се отворени. На потег е секако, г-динот Рој. Поддршката ја доби и од македонската владина делегација, но и од охридската локална самоуправа. Проектот е реално остварлив и нормално профитабилен како за Индијците, така и за нашиот град. Како ќе се одвиваат работите понатака, ќе видиме.“ – вели наш сограѓанин.
За „Сахара Македонија“, студентите и сезонските работници сметаат дека реализацијата на инвестицијата би значела заживување на градот и вон туристичката сезона. Претходно и претседателот на ХОТАМ, Дончо Танески, истакна дека во целост го поддржуваат овој проект бидејќи истиот ќе придонесе за развој на туризмот во охридскиот регион.
Максимално ја поддржуваме идеата за изградба на луксузен комплекс. За време на градењето сигурно ќе бидат ангажирани работници од земјава и од Охрид, со што ќе се отворат работни места за сите. На овој комплекс не гледаме како на конкуренција, туку на можност за вработување на младите од Охрид.“ – потенцира Танески.
Индискиот бизнисмен Субрата Рој, кој пред три дена со приватен авион слета на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“,истакна дека ја сака Македонија и затоа е тука.
„Знам дека сте тука за да ме прашате за бизнисот. Токму поради тоа донесов поголема делегација. Работите сега веќе созреваат. Имаме големи амбиции и планови, но за тоа секако потребно е многу време.“ – изјави Субрата Рој.
Неговиот син кој исто така е во посета на Охрид, за медиумите изјави дека угостителството, земјоделството, фармерстовото се секторите кои нивната компанија сака да ги развие во Македонија, а првичните инвестиции ќе бидат видливи од идната година.
„Има многу работи кои ги планираме во Македонија,а за таа цел ќе донесеме експерти од Индија. Очекуваме дека ќе бидеме поддржани од државата и од народот. Мислам дека 2014 или 2015 ќе бидете во можност да видите многу градби и активности. Тоа е нашиот план за Македонија, подготвуваме голем тим кој ги разгледува сите проекти што ќе ги работиме тука.“ – изјави синот на Субрата, Сушанто Рој.
Инаку, компанијата „Сахара Индија Паривар“ кај Љубаништа сака да го изгради најголемиот туристички ресорт на природно езеро, кој според најавите ќе се протега на површина од над 240 хектари. Неодамна компанијата побара да и се обезбедат дополнителни 17 хектари земјиште за изградба на сместувачки капацитети кои ќе ги користат работниците кои ќе бидат ангажирани на изградба на комплексот кој содржи луксузен хотел на вода со казино, марина и повеќе елитни населби.