Сопственици на имот во стариот дел на Охрид со години чекаат да биде донесен Деталниот урбанистички план за 1-та урбана зона, која се наоѓа под строга заштита, но се жалат дека и покрај нивната трпеливост планот се’ уште не е донесен.

– Уште на 27.10.2005 год. имаме поднесено барање за реновирање и доградба на куќа во стариот дел од градот. Досега се имаме обратено до сите надлежни установи по неколку пати ама сите одговорноста ја префирлаат од една на друга установа. Дали е можно еден ДУП да се носи 7 години, и што е најстрашно не се гледа дека во  најскоро време овој проблем ќе се реши. Затоа на сопствениците ќе им се досади од одење од една до друга установа и на крај, како  што се гледа, повеќе од половина куќи во стариот дел на градот се продадени и мислам дека уште ќе се продаваат, вели во коментарот испратен до OhridNews Розе Велјаноска, една од многуте засегнати граѓанин.

Од Локалната самоуправа информираат дела постапката за донесување на посочениот ДУП е исклучително сложена, бидејќи овој простор се уредува согласно  Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, донесен минатата година.

-Според овој Закон, надлежностите за издавање на дозволи за градба се во Министерството за транспорт и врски, а локалната самоуправа ги донесува урбанистичките планови за кои е обврзана да ги прибира согласностите од повеќе институции меѓу кои се и споменатите министерства. Плановите во сите фази одат на одобрување во Министерството за транспорт и врски, појаснуваат од општината.

Во Законот за заштита на старото градско јадро, стои дека краен рок за донесување на детален урбанистички  план, во кои влегуваат првата и дел од втората урбана единица, е една година, а во завршните одредби стои дека тој рок, поради усогласување со другите закони од оваа област може да се пролонгира.

Од Локалната самоуправа посочуваат дека се работи за простор од 87 хектари и  дека треба  време одредбите од  законот за заштита на старото градско јадро да се усогласат со оние во Законите за просторно и урбанистичко планирање и за културно наследство, па затоа законодавецот оставил можност за пролонгирање на рокот.

-Имајќи ја во вид сложеноста на носењето на ново урбанистичко решение и огромните трошоци за негова подготовка Општина Охрид,  преку секторот за Урбанизам, заштита на животната средина и комунален развој, со допис испратен  на 10 декември минатата година до Министерството за транспорт и врски, побара во програмата за приоритетна изработка на урбанистички планови во Република Македонија да влезе и носењето на Деталниот урбанистички план за старото градско јадро на Охрид, истакнуваат од Локалната самоуправа.

Оттаму изразуваат надеж  дека ова барање ќе биде прифатено и дека државта ќе помогне во реализирањето на овој голем урбанистички зафат.

Г.М.