Со овој предлог-закон, како што е објаснето во образложението, Величковски ќе се обиде да ги намали ограничувањата за пушење со цел да им излезе во пресрет на угостителите.
„Имајќи ја предвид и тековната економска криза што сериозно се одразува не само на животниот стандард на граѓаните, туку и на перформансите на економските субјекти, а особено на угостителските претпријатија, ценам дека либерализацијата на законските одредби за заштитата од пушењето може да биде дополнителен поттик за зголемување на економската активност на угостителските претпријатија. Впрочем, угостителските објекти во кои се врши дејноста, согласно модерните стандарди на градба и дејноста што ја извршуваат, во голем дел поседуваат вентилациски системи неопходни за заштита од тутунскиот чад на лицата што престојуваат во нив.“ – вели Величковски во образложението.
Тој додава дека со измените и дополнувањата на текстот на Законот од 95-та година, воведени се построги правила на заштита од пушењето, особено во делот на заштитата од пушењето во угостителските објекти, кои според него се преограничувачки и за вршителите на угостителската дејност и за корисниците на угостителските услуги, но и за самите пушачи.
„Впрочем, правото на здрава животна средина не го ограничува правото на слобода на изборот на пушачите. Од воведувањето на Законот за заштита од пушењето до денес, а особено од неговите измени од 2008 година, нема релевантни податоци за намалување на заболувањата кои се претпоставува дека се поврзани со пушењето.“ – додава Величковски.
Охридските угостители поделени во мислењето околу предлог-законот, кој предвидува дозволено пушење во простории кои се опремени со венталицски систем.
„Веќе со години се навикнавме на забраната за пушење и доколу овој предлог-закон би поминал кај Комисијата за здравство, не би видел некакви драстични промени кај дел од угостителите. Веќе сме адаптирани на постоечкиот закон, така да, ова би значело дополнителна инвестиција.“ – вели еден охридски угостител.
Сепак, добар дел од угостителските работници го поддржуваат предлогот на пратеникот од ЛП, за укинување на забраната за пушење во затворени простории.
„Со воведувањето на забраната за пушење на јавни места и во затворени простории, прометот драстично се намали. Едноставно луѓето имаа проблем да се навикнат со Законот. Сепак, мислам дека пушењето е право на слободен избор, а со забраната се ускратуваат правата на пушачите. Ја поддржувам оваа иницијатива и сметам дека истата ќе добие поддршка од поголемиот дел од граѓаните.“ – вели охридски угостител.
Охриѓани се скептични дека овој предлог-закон би добил евентуална поддршка од собраниската Комисија за здравство. Непушачите сметаат дека со него, земјава ќе направи чекор назад во спроведувањето на европските реформи.
„Конечно беше донесен Закон со кој се забрани пушењето во затворени простории и јавни места, кој според мене треба да остане на сила. Знаете дека цигарите штетно влијаат и на пасивните-пушачи. Кога ќе излезам, сакам просторијата да не е задимена, а алиштата да не мирисаат на чад. По мене, потребна е поголема контрола кај угостителските објекти околу почитувањето на законот.“ – вели наша сограѓанка.
Пушачите со дијаметрално спротивни статови, потенцирајќи дека пушењето е право на избор, а забраната претставува дискриминација кон определена целна група.
„Прошетајте низ европските земји и заклучете каде е забрането пушењето. Кога веќе го забранија пред неколку години, можеа да се сетат да направат локали за пушачи или непушачи. Вака, една целна група е задоволна, а поголемиот број граѓаните, оние пушачите, се незадоволни бидејќи на еден начин се дискриминирани. Проблемот не е во текот на летото, туку во зимскиот период.“ – истакнува постар охриѓанец.
Инаку, овој предлог-закон би овозможил пушење во затворени простории доколку се опремени со вентилациски систем. Пушењето би било дозволено во угостителски објекти, ресторани, кафе-барови, пивници, хотели, мотели, психијатриски болници, старски домови, казнено-поправни домови, затвори, отворени и затворени трговски центри, автобуски и железнички станици.
Пушењето на овие места ќе биде забрането ако не е инсталиран вентилациски систем, додека сопствениците на ресторани и угостителите ќе можат да одлучат дали во својот објект ќе дозволат пушење или не. Ако објектот е поголем од 50 квадратни метри, ќе имаат избор целосно да забранат пушење или обврска да забранат пушење во најмалку 50 отсто од вкупната површина на просторот.