Во последните неколку  години евидентно е дека свеста на охриѓани за опасноста од кардиоваскуларни заболувања и потребата од водење здрав живот е на повисоко ниво, вели д- р Марија Зимбова од Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Охрид.Тие повеќе обрнуваат внимание на своите секојдневни навики со цел превентивно да се влијае врз спречувањето на ваквите заболувања.

Едукативните предавања вродија со плод. Охриѓани во последните години повеќе водат здрав живот, пешачат, се рекреираат, поздраво се хранат. Кога зборуваме за превентивното дејствување,особено е значајно здравите навики да се создадат уште кај најмладите, бидејќи со тоа се придонесува и кон понатамошното формирање на здрави семејства, вели д- р Зимбова.

Иако кардиоваскуларните заболувања во Македонија споредено со земјите во Европа бележат висока процентуална застапеност, сепак во однос на земјите од регионот , во Македонија забележано е намалување на годишно ниво.

За тоа придонесува самиот здравствен систем преку кој се успева да се намали смртноста од кардиоваскуларни заболувања. Големо влијание има и зголемената свест, особено на помладите генерации кои е очигледно дека се посвесни за здравиот начин на живот, тука се и превентивните активности на здравствените институции, новите апаратури со кои располагаат , сето влиаје врз намалување на трендот на овие заболувања, вели Игор Спироски од Институтот за јавно здравје.

Како превентивно да влијаат и да го намалат ризикот од срцеви заболувања, охриѓани ќе имаат можност да  се едуцираат во рамки на настанот кој во недела, 29- ти септември ќе се одржи на градскиот плоштад по повод Светскиот ден на срцето, а под мотото „ Тргни кон здраво срце“.Настанот е во организација на Заводот за јавно здравје, а подржан од министерството за здравство. Покровител е општина Охрид.

Со задоволство сме дел од одбележувањето преку кое ќе се влијае врз  подигање на свеста за застапеноста на кардиоваскуларните заболувања и огромното учество врз смртноста и можностите кои се на располагање, а кои се однесуваат на промена на животните навики кои во голема мера влијаат врз намалување на овие заболувања. Секое семејство треба да ги негуваат здравите навики и да ги пренесува на најмладите, вели претседателката на советот на општина Охрид, д- р Гордана Коњановска.

Настанот го поддржа и првата Македонка која се искачи на Монт Еврест, Илина Арсова која потенцира дека спортските активности се неопходни за да се има здраво срце.

Охриѓани имаат среќа да живеат во една прекрасна средина, покрај езеро и планини и имаат идеални услови за рекреација и спорт, кои треба да ги користат што почесто. Особено на отворен простор , во природа, наместо во затворен простор бидејќи чистиот воздух влијае врз квалитетот на живеење и здравото срце, рече Арсова.

Настанот во недела ќе започне во 9 часот, при што граѓаните ќе имаат можност да извршат бесплатни прегеледи кои ќе ги вршат вработени во Заводот за кардиоваскуларни заболувања. Ќе се врши мерење на крвен притисок, ЕКГ, мерење на шеќер во крв, холестерол, а ќе се делат и совети за водење здрав живот и значењето на физичката активност.Покрај градскиот кеј ќе биде одржан и крос .

Истовремено, Светскиот ден на срцето ќе се одбележи и во Скопје, Штип и Тетово.

Т. Кувенџиска