Подготовките за снимање на филмот се завршени. Најголем дел од сцените ќе се снимаат во Битола, но и на други локации низ Македонија. Во Охрид , ќе се снима на 15 мај во манастирскиот комплекс „Свети Наум“.
Соработниците на режисерот, задолжени за избор и координација на статисти, задоволни од интересот на пријавените охриѓани на денешниот кастинг кој се оддржа во Центарот за култура „Григор Прличев“.
– Во Охрид потребни се околу 40 статисти од секоја возраст, но највеќе ни требаат бабички , деца и статисти за сцените со турските војници, затоа што дејството во филмот се случува во 1906. Морам да кажам дека охриѓани ме воодушевија со отворениот однос и комуникативност што е многу значајно за соработката во филмот и снимањето кое е макотрпно и трае по неколку часа во текот на денот, вели Јован Ристовски, координатор за статисти.
Ристовски потенцира дека изборот на статисти тече со брзо темпо затоа што согласно инструкциите на режисерот веќе точно се знае каков профил се бара.
Филмот „Приказна за дивиот исток“ се снима во режија на Столе Попов, а според сценарио на Горан Стефановски.