Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во соработка со локалната самоуправа, образовните институции, јавните претпријатија се вклучија во одбележување на Свертскиот ден без автомобили. По тој повод денеска во периодот од 10-13 часот затворен за сообраќај беше кејот „Маршал Тито“, со што Охрид симболично се придружи на голем број градови во светот во одбележување на Денот без автомобили.

Овој ден кој има за цел да ја подигне јавната свест кај населението за заштита на животната средина, во Охрид се одбележува од минатата година, а во светот од 2000 година.

-Овој ден е замислен е како можност градовите да ја покажат својата загриженост за проблемите со заштитата на животната средина и безбедноста во урбаниот сообраќај. На овој начин локалните заедници можат да ги претстават нивните урбани центри во поинакво светло со цел да се намали моторниот сообраќај барем за едн ден и тој ден да биде на велосипедистите, пешаците и рекреативците и на тој начин да се подигне свеста кај граѓаните за користење на други алтернативни превозни средства, изјави за OhridNews Томислав Тунтев од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Апелот за воздржување од употреба на автомобили го прифатија мал број граѓани на Охрид, но со затворањето на градскиот кеј за моторен сообраќај на неколку часа Охрид ја испрати својата порака до светот дека се грижи за заштита на животната средина.

OhridNews