Големината на градбите кои никнуваат на локалитетот Плаошник, каде во тек е реализација на проектот за возобновување на Свети Климентовиот универзитет, ги загрижува охриѓани. Тие стравуваат дека новите градби ќе доминираат на просторот кој со милениуми бил духовно светилиште на христијаните и муслиманите, кон кое охриѓани имаат посебни чувства. Загриженост изразија и градските советници.
-Се работи за анкерисани столбови, за високи градби, за градење на објекти кои можеле да бидат изградени пред 1000 години, но не биле, а сега некој си зеде за право без да ги праша охриѓани, или советот да гради дури и резиденцијални објекти на Плаошник.-рече советникот од СДСМ Томислав Тунтев.
Тунтев вели дека Охрид има многу места каде што може да се градат универзитети и резиденции, и побара локалната самоуправа да изврши ревизија на активностите кои се во тек на Плаошник.
-Ние донесовме одлука да се градат образовни објекти во касарната, има голем број места каде можат да се градат куќи за владики. Најсветото место за охриѓани и од христијанска и од исламска вероисповест е „Имарет“ – Плаошник, Свети Климентовата Црква, турбето на Синан Челеби. Затоа сметам дека треба да се обидеме сите заедно да прашаме што е тоа што се гради горе и дали има навистина потреба од тоа.-рече Тунтев.
Од локалната самоуправа посочуваат дека Плаошник е проект на Министерството за култура и дека истиот се реализира согласно урбанистичкиот план за овој локалитет.
-Локалитетот Плаошник заради чувстватата на охриѓани и значењето ќе биде оплеменет и ќе прерасне во убаво катче. Јас лично како и Локалната самоуправа не гледаме проблем, проектот се гради според процедури кои се пропишани.-вели секретарот на општина Охрид Димитар Спасески.
Според Спасески, критики околу Плаошник имало и во минатото, но и тогаш по завршување на изградбата јавноста се уверила во целисходноста на проектот.
-Вие знаете и самата црква на Плаошник кога се градеше имаше некои недоразбирања. Тогашните бетони и купови од смет прераснаа во храм со кој сите ние се гордееме и јас ве уверувам дека и овој проект ќе биде убав и со него ќе се гордееме како град.-додаде Спасески.
Сепак од локалната самоуправа најавија дека ќе побараат информација од надлежните државни институции за сите активности кои се преземаат на Плаошник и доколку некои од нив се спротивни на интересот на граѓаните, ќе биде покрената постапка за нивно стопирање.
Во меѓувреме кон Плаошник по заобиколен пат околу Самоиловата тврдина секојдневно оперира тешка механизација која работи на изградба на резиденцијата на МПЦ и музејскиот комплекс, кои се само дел од десетината објекти кои треба да никнат на просторот на кој се наоѓа црквата Св. Пантелејмон во која почиваат моштите на Св. Климент, турбето на големиот турски великодостојник Синан Челеби и базилики со вредни мозаични подови.
Според проценките, изградбата на комплексот на Плаошник ќе чини околу 24 милиони евра.
Г.Момироски
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com