Поради економската криза и нискиот животен стандард, голем дел од жителите на Охрид, започнаа да го продаваат своето семејно злато, за да платат сметки или да вратат кредити. Иако откупната цена на златниот накит е многу помала од продажната, тоа не е пречка за граѓаните, кои одлучиле да го дадат своето старо злато, во замена за пари.
-Подигнавме стамбен кредит и како млад брачен пар, не можевме да ги подмириме обврските за потрошувачкиот кредит кој го имавме подигнато порано. На ниеден друг начин не можевме да го вратиме стариот кредит со вкупна вредност од околу 2.500 евра и затоа решивме да го продадеме целото злато, кое го добив како дар на свадбата. Иако поголемиот дел од златниот накит не беше ни користен, ми го откупија по цена како за стар накит, вели млада охриѓанка, која се омажила минатата година.
Од охридските златарници потврдуваат дека во последните неколку години се зголемил бројот на граѓани кои сакаат да го продадат своето злато.
-Во минатото граѓаните го продаваа само оној златен накит кој беше оштетен или од застарена мода, но денес по откупна цена се дава и златен накит кој е со модерна изработка и речиси нов. Се почесто има случаи кога на откуп се отстапува и злато во вид на стари пари или стар семеен накит кој има специфична и оргинална изработка, велат од една охридска златарница.
Од таму додаваат дека често се случува, златен накит да се дава во замена, старо за ново.
-Во последно време честа е праксата, за свадби или за други свечени пригоди, да се враќа стар накит, за да се земе нов. На пример свекрвата си ја дава својата огрлица, за да и купи нова на невестата. Овие замени најчесто одат со доплата, бидејќи има разлика во продажната и откупната цена на накитот. Но има и случаи кога муштерии бараат замена на златен накит, заради желбата да носат нешто ново, велат охридските трговци со злато.
Тие нагласуваат дека во последните неколку години бележат значително намалување на прометот на златен накит, во споредба со порано кога подароци од злато се купуваа речиси за сите свечени пригоди.
Во моментов продажната цена за златниот накит во охридските златарници е со почетна цена од 2.000 денари по грам, додека пак најниската откупна цена на златниот накит е околу 800 денари по грам. Цената на златниот накит зависи од неговата изработка, неговата чистина (бројот на карати) и земјата на производство.
Според стручните економски анализи кои можат да се најдат на интернет, продажбата на семејното злато се поврзува со феноменот на осиромашувањето на населението и е еден од доказите дека развојот на економијата во државата е на многу ниско ниво.
Е.М