Со цел убаво да изгледаат на плажа и во летната гардероба, голем дел од граѓаните на Охрид како и секоја пролет, веќе започнаа да ја оформуваат својата витка линија, преку физичка активност.

Деновиве покрај кејот на Охридското Езеро и по рекреативната патека за Горица, во текот на утринските и вечерните часови, може да се видат голем број рекреативци кои пешачат, трчаат, возат велосипед или ролери.

-Во последните два месеца секоја вечер заедно со другарка ми пешачиме по кејот. Без никаква диета, за ова време успев да симнам околу 6 килограми. Ќе продолжам редовно да одам на пешачење и текот на летото, се надевам и на подобар резултат, вели младата Ивана од Охрид.

Освен ваквиот вид на физички активности, голем дел од припадничките на понежниот пол интензивно започнуваат да посетуваат часови за аеробик, пилатес или јога, додека пак машките се почесто уплатуваат термини во професионалните фитнес и бодибилдинг центри.

-Најчести посетители кај нас секако се помладите охриѓани, додека пак оние во повозрасните години не внимаваат многу на одржувањето на својата линија и телесната тежина. Во месеците април и мај, како и секоја година бележиме зголемен бројот на лица кои вежбаат, вели инструктор од еден охридски фитнес клуб.

Тој објаснува дека ретки се луѓето кои вежбаат преку целата година.

-Најчесто се вежба во пролет или  во лето, но треба да се знае дека наглото намалување на телесната тежина и преоптоварувањето на мускулите никогаш не дава задоволителни и трајни резултати. Голем дел од оние кои што брзо ослабнуваат, многу брзо ги враќааат загубените килограми. За да се постигне траен ефект потребно е континуирано вежбање во текот на целата година и секако балансирана исхрана, нагласува нашиот соговорник.

Има и охриѓани кои својата витка фигура ја оформуваат во салоните за убавина, преку пакети на третмани за слабеење.

-Секако најчесто имаме клиенти од женски пол, најбарани ни се антицелулитните пакети со рачни масажи или со микрокомпјутер, но многу баран ни е и третманот „Боди Врапинг“ кој има ефект на сауна. Овие три третмани се едни од најевтините, но нудиме и современи третмани со кои се постигнува исклучително брз ефект и телото се обликува за кратко време, велат од еден современ козметички салон од Охрид.

Од таму напоменуваат дека за да имаат долготраен ефект од третманите за слабеење, клиентите мора да консумираат нискокалорична храна и да внесуваат многу течности.

Е.М