За мали настинки, болки во грлото, зголемен секрет од носот или обични кивавици, кои се карактеристични за овој период од годината, охриѓани се почесто земаат антибиотици на своја рака. Оваа пракса ја потврдуваат и матичните лекари, кои потенцираат дека и покрај многубројните укажувања, пациентите инсистираат да им биде препишан антибиотик.

-Имаме редовни пациенти кои доаѓаат да препишат антибиотик и кога воопшто немаат никаква потреба. Најчесто бараат да препишат Оспен, Ампицилин, Цефалексин и Амоксиклав, но и посилни антибиотички средства. Кога ќе ги прашаме зошто им се ваквите лекови, најчесто одговараат дека ќе ги чуваат во домашната залиха на лекови, во случај да им затребаат. И токму тука се јавува проблемот, затоа што кога малку ќе настинат, веднаш посегнуваат по антибиотикот, без да се консултираат повторно со нас, вели еден охридски матичен лекар, кој сака да остане анонимен.

Тој нагласува дека не се во можност често да ги одбиваат пациените за препишување на антибиотици, бидејќи постои можност истите да си изберат друг матичен лекар.

Педијатрите предупредуваат дека особено е опасно кога родителите им даваат вакви лекови на децата без лакарска препорака.

-Честата употреба на антибиотик може негативно да влијае на цревната флора, имунитетот, да предизвика габични инфекции, особено кај децата.  Исто така, организмот може да стане отпорен на одреден лек, што може да го отежни лекувањето тогаш кога навистина ќе биде потребно, велат охридските педијатри.

Антибиотиците се лекови кои се препишуваат само кога постои бактериска инфекција, воспаление и вирусна инфекција со секундарна бактерија.

Медицинските лица велат дека како превентива од вирусните заболувања и настинките, најделотворни се билните лекови, чие делување не може да има никакви штетни последици. Меѓу најдобрите билни антибиотици спаѓаат прополисот и витаминот Ц.

Е.М