Од филијалите на неколку поголеми банки во Охрид велат дека вообичано најмногу интерес владее за кредитите во мали износи и на кус рок.
– Најчесто се земаат ненаменски потрошувачки кредити во износ од 1.500€ до 5.000€. Основен услов за подигање на ваков кредит се просечните месечни примања. Од наменските кредити, најчести се оние за купување на возила и студенските кредити, со кои голем дел од студентите од Охрид ја плаќаат својата школарина, велат банкарите.
Тие напоменуваат дека со нискиот животен стандард во Република Македонија, обичниот граѓанин многу ретко може да купи стан или да започне бизнис, без да подигне банкарски кредит.
-За подигање на ваквите долгорочни кредити, некои охриѓани како гаранција за отплаќањето, под хипотека го заложуваат и целиот свој имот и буквално живеат на ризик, појаснуваат банкарите.
Освен кредитите, се поактуелни се кредитните картички со одреден лимит на средства, кои на граѓанитие им овозможуваат да купуваат на рати. Но банкарските искуства говорат дека токму овие картички, се главната причина за презадолженост на граѓаните.
–Има граѓани кои се задолжени со кредитни картички во неколку банки, па тешко ги плаќаат ратите. Поради тоа во последно време се нудат и кредити за рефинансирање на старите долгови кон банките, па голем број граѓани се одлучуваат да ги ‘’покријат’’ своите кредитни картички со ваков кредит, велат банкарите.
Покрај големата задолженост со кредити, поради економската криза и беспарицата дел од граѓаните се принудени да бараат вересија и за основните животни потреби. Од неколку малски дуќани низ Охрид ни потврдија дека на вересија се купува се, почувајќи од леб и млеко, па преку кафе, масло за јадење, шеќер, овошје, до цигари и пијалаци.
-Во последниве неколку месеци се зголеми бројот на муштериите кои се пишуваат за почек. Обично даваме вересија на редовни муштерии и познајници. Некои земаат на пишување, до плата, некои до пензија , но има и такви од кои е тешко да наплатиш, велат од еден охридски малски маркет.
Во поголемите работни организации и институции низ Охрид се позачестено е синдикалното или ‘’купувањето со запирање од плата’’. За овој начин на купување установата склучува договр со продавници, бутици, производители или слични други субјект, од каде вработените можат да купуваат или да користат услуги на рати, за што подоцна им се одбива од плата.