Економската криза и безработицата во последните неколку години, ги принудуваат граѓаните на Охрид да го стават својот недвижен имот под хипотека, за да подигнат кредит од банка. Според податоците на Агенцијата за катастар и недвижности на Република Македонија, на подрачјето на Охридскиот регион во моментов се запишани дури 4.726 хипотеки.
Катастарската евиденција говори дека минатата година охриѓани ставиле под хипотека 567 имоти односно 69 имоти повеќе од 2012 година, кога под хипотека биле запишани вкупно 498 станови, куќи и деловни простории. Во текот на 2011 година како гаранција за хипотекарен кредит, биле заложени вкупно 389 охридски имоти. Во 2010 година биле ставени под хипотека 391, а во 2009 година вкупно 276 имоти.
Од катастарските служби добивме информација дека освен тоа што расте бројот на запишани хипотеки, во пораст е и бројот на избришани хипотеки. Во 2013 година од евиденцијата на катастарот биле избришани вкупно 310 хипотеки, што е за 221 хипотека повеќе споредено со 2009 година кога биле избришани 89 хипотеки.
-Во нашата евиденција располагаме со бројот на запишани и избришани хипотеки, но не располагаме со прецизни податоци за активирани хипотеки и преземени имоти. За овој тип на информација повеќе податоци може да се добијат во банките, велат од Агенцијата за катастар и недвижности на Република Македонија.
Лицата кои се занимаваат со продажба на недвижности велат најчестата причина за бришење на хипотеките е продажбата на имотот, кој е под хипотека.
–Доколку сопствниците не можат да го плаќаат кредитот, често пати носат одлука да го продадат имотот кој го заложиле кај банката. Најчесто се оттуѓуваат становите, но има случаи кога се продаваат и куќи и деловни простории. Откако недвижноста ќе се продаде, кредитот се враќа и хипотеката се затвора. Многу често се случува на сопственикот да не му останат многу средства од продажбата, вели еден искусен трговец со недвижности.
Поголемиот дел од граѓаните на Охрид кои го дале својот имот под хипотека, подигнале стамбен кредит.
-Синот и снаата работат во Скопје, до пред две години живее под кирија, но сега купија стан. Секако за да го купат станот овој што го имаме овде во Охрид го ставивме под хипотека. Кредитот е земен на 30 години, додека можам ќе им плаќам половина од ратата, за иднина нека проценат сами дали ќе ги задржат двата стана или ќе се откажат од овој овде, вели еден повозрасен охриѓанец, со кој поразговаравме на оваа тема.
Тој нагласи дека е задоволен што со хипотеката успеал да купи стан, за разлика од некои други охриѓани кои давале имоти под хипотеки за да вратат долгови.
Еден млад брачен пар од Охрид , ни раскажа дека под хипотека го ставиле истиот стан кој го купиле.
-За среќа двајцата работиме, па сега можеме да ја плаќаме ратата од околу 13.000 денари. Ризикот е голем, но се надеваме на подобро утре, па затоа се одлучивме на овој потег, велат младите сопружници.
Според неофицијалните информации од банките освен за купување на недвижен имот, хипотеки се запишуваат и за подигање на потрошувачки кредити, за реновирање, доградба, за купување на земјиште или за започнување бизнис.
Според банкарските услови, хипотекарен кредит најчесто може да подигнат кредитоспособни физички лица во редовен работен однос во јавната администрација или фирми прифатливи за банката, но и пензионери. Еден од условите за подигање на кредитот е платата или панзијата, барателот да ја прима на трансакциска сметка во банката, која треба да го издаде кредитот. Гарантираните годишни каматни стапки за хипотекарните кредити се движат од 5 до 9 % во зависност од банката.
Е.М
Освојте влезници за урнебесното кабаре “2Mothers brothers” утре вечер во Центарот за култура