Економската криза и безработицата во последните неколку години натераа голем дел од граѓаните на Охрид да го дадат својот недвижен имот под хипотека, за да подигнат кредит од банка. Според податоците на Агенцијата за катастар и недвижности на Република Македонија, на подрачјето на Охридскиот регион во моментов се запишани дури 4.726 хипотеки.

Катастарската евиденција говори дека минатата година охриѓани ставиле под хипотека 567 имоти односно 69 имоти повеќе од 2012 година, кога под хипотека биле запишани вкупно 498 станови, куќи и деловни простории. Во текот на 2011 година како гаранција за хипотекарен кредит, биле дадени под хипотека вкупно 389 охридски имоти. Во 2010 година биле ставени под хипотека 391, а во 2009 година вкупно 276 имоти.

Од државните катастарските служби добивме информација дека освен тоа што расте бројот на запишани хипотеки, во пораст е и бројот на избришани хипотеки од катастарската евиденција. Во 2013 година од евиденцијата на катастарот биле избришани вкупно 310 хипотеки, што е за 221 хипотека повеќе споредено со 2009 година кога биле избришани 89 хипотеки.

-Во нашата евиденција располагаме со бројот на запишани и избришани хипотеки, но не располагаме со прецизни податоци за активирани хипотеки и преземени имоти. За овој тип на информација повеќе податоци може да се добијат во банките, велат од Агенцијата за катастар и недвижности на Република Македонија.

Лицата кои се занимаваат со продажба на недвижности велат причината за бришење на хипотеките најчесто е продажбата на имотот кој е под хипотека.

– Доколку сопстевниците не можат да го плаќаат кредитот, често пати носат одлука да ги продадат имотот кој го заложиле кај банката. Најчесто се оттуѓуваат становите, но има случаеви кога се продаваат и куќи и деловни простории. Откако недвижноста ќе се  продаде, кредитот се враќа и хипотеката се затвора. Многу често се случува на сопственикот да не му останат многу средства од продажбата, вели еден искусен трговец со недвижности.

Поголемиот дел од граѓаните на Охрид го дале својот имот под хипотека за подигање на стамбен кредит.

-Синот и снаата работат во Скопје, до пред две години живее под кирија, но сега купија стан. Секако за да го купат станот овој што го имаме овде во Охрид го ставивме под хипотека. Иако станот кој го ставивме под хипотека на пазарот вреди многу повеќе, од банката го проценија помалку, па успеавме да подигнеме кредит со кој купивме стан од околу 40-тина квадрати во главниот град. Кредитот е земен на 30 години, додека можам ќе им плаќам половина од ратата, за иднина нека проценат сами дали ќе ги задржат двата стана или ќе се откажат од овој овде, вели еден повозрасен охриѓанец, со кој поразговаравме на оваа тема. Тој нагласува дека е задоволен што со хипотеката успеал да купи стан, бидејќи познавал охриѓани, кои давале имот под хипотека за да вратат други долгови.

Еден млад брачен пар од Охрид , ни раскажа дека под хипотека го ставиле истиот стан кој го купиле.

– За среќа двајцата работиме, па сега можеме да ја плаќаме ратата од околу 13.000 денари. Ризикот е голем, но се надеваме на подобро утре, па затоа се одлучивем на овој потег, велат младите сопружници.

Според неофицијалните информации од банките освен за купување на недвижен имот, хипотеки се заложуваат и за подигање на потрошувачки кредити, за реновирање, доградба, за купување на земјиште или за отворање на бизнис.

Според банкарските услови хиптоекарен кредит најчесто може да подигнат кредитоспособни физички лица во редовен работен однос во јавната администрација или фирми прифатливи за Банката како и пензионери. Еден од условите за подигање на кредитот е барателот да платата или панзијата да ја прима на трансакциска сметка од Банката, која треба да го издаде кредитот. Гарантираните  годишни каматни стапки за хипотекарните кредити  се движат до 5 до 9 % во зависност од  банката.

Е.М