Надежта на Билјана и Ристо Трајкоски дека по долго чекање и еден спонтан абортус пред две години, ќе добијат бебе, згасна откако сопругата во 5-от месец од бременоста го изгубила плодот. Сопругот Ристо обвинува дека тоа се случило поради грешка на лекарите на гинеколошкото одделение во охридската општа болница, каде Трајкоски се јавиле во саботата бидејќи трудницата се пожалила на вагинална инфекција и болки. Таа била примена од началникот на одделението кој сметал дека бремената жена не треба да биде задржана на болничко лекување.

-Ни препиша некои апчиња, ни рече земете ги и е ќе биде во ред. Преглед гинеколошки не направи, на прашањето дали не треба преглед, тој рече дека знае за што се работи и да дојдеме во понеделник на контрола да и земат крв на сопругата. – изјави Ристо Трајкоски.


Ристо Трајкоски

Во неделата бремената Билјана добила нови болки и крварење, по што била примена од друг лекар на гинеколошкото одделение и хоспитализирана. На сопругот му било кажано да набави соодветни ињекции кои болницата ги нема.

-Отидов шетав, никаде ги немаше, во аптека ми рекоа дека пет години биле повлечени тие медикаменти. Ја лечеа жената со „прогестерон“ и „добростон“, никакви лекарства нема, ни инфузии за смирување и прекинување на крварењето. Прогестерон е за до 20 недела, а жена ми е 23 недела, веројатно заради тоа не делувал. – раскажува вознемирено Ристо Трајкоски.

Во текот на вчерашниот ден болките и крварењето кај трудницата се интензивирале, што било фатално за бебето.

-Јас барам одговорност, не поради некаква материјална добивка, туку да не настрада некој како мене што го чека долго своето бебе за да има наследство. – рече Трајкоски.

Од гинеколошкото одделение при општата болница во Охрид, велат дека случајот го воделе тројца различни лекари, кои презеле се што е неопходно да се спаси животот на нероденото бебе, иако потврдуваат дека ги немаат на располагање сите потребни лекарства. Објаснуваат дека пациентката која била во 40-та година од животот имала ризична бременост што се согледува од фактот дека таа веќе имала еден спонтан абортус, како и дека имала висок крвен притисок за што земала терапија.

– Пациентката е примена во саботата со изразите вагинална инфекција за што е ординирана соодветна терапија и за таква состојба не се прави гинеколошки преглед. Следниот ден таа е примена со незначителни болки и оскудно крварење за што исто така е ординирана соодветна терапија. Во понеделникот и покрај спроведената терапија кај пациентката настанува спонтан абортус во 5 месец од бременоста. – информираат од Одделението за гинекологија при Општа болница Охрид.

Од гинеколошкото одделение отфрлаат одговорност за случајот, посочувајќи дека истиот целосно е документиран.

Г. Момироски