Иако е време на економска криза и беспарица, припадничките на понежниот пол од Охрид не штедат на својата надворешна убавина и се почесто негата на своето лице, тело и коса го препуштаат на професионалци. Освен помладите, за кои  козметичките третмани претставуваат следење на современите трендови, за негата на својот надворешен изглед се почесто се грижат и повозрасните охриѓанки.


-Посетувањето на салоните за убавина, повеќе не е луксуз како што беше во минатото затоа што во Охрид, во моментов буквално има козметички салони на секој чекор. Цените се пристапни и според мене секој може да си дозволи еднаш месечно да си направи третман на лицето, маникир, педикир и нешто друго што значи основна нега, вели Александра.С, која ја затекнавме во еден  современ салон за убавина во Охрид.

И вработените во салоните се задоволни од интересот на охриѓанки за козметичките третмани.

-Најбарани ни се депилациите, третманите за нега на нокти и стапала, надградбите на нокти, потоа солариум третманите и основните третмани за лице. Во последно време се поголем интерес имаме и за третманите за тонизирање на телото и за слабеење. Исто така солиден интерес има и за различните видови масажи на тело, велат од неколку салони за убавина во Охрид.

Од таму објаснуваат дека третманите може да имаат убав и ефект само доколку жените си пружаат и секојдневна нега на лицето и телото.

-Негата на лицето е многу важна, особено за оние кои што имаат чувствителна кожа и оние во позрелите години. Третманите за лице придонесуваат кожата да изгледа здраво и свежо. Шминката многу поубаво изгледа на негувана кожа. Покрај лицето многу важна е и негата на телото, со соодветни пилинзи, лoсиони и кремови. Тоа е  особено важно пред почетокот на летото, кога телото, преку летната облека ќе биде многу повидливо, советуваат професионалните козметичари.

Фризерските салони традиционално имаат најмногу работа, а најбарани услуги им се потстрижување, бојадисување, фенирање и шатирање на коса.

-Најчесто не посетуваат помладите девојки, тие многу повеќе обрнуваат внимание на својот изглед, ги следат модните трендови и сакаат да изгледаат убаво. Што се однесува до негата на косата, денес може да се купат најразновидни производи наменети за коса, но за да имаат ефект мора редовно да се употребуваат, вели сопственичка на фризерски салон од Охрид.

Инаку салоните за убавина и фризерниците, кои успеавме да ги посетиме имаат посебни сезонски попусти, а нудат и пониски цени за редовните клиенти. Исто така во пресрет на матурските прослави и сезоната на свадби, се нудат и посебни пакети за матурантки и за невести.

Е.М