Членовите на Охридскиот детски хор „Бамбино“, деветгодишните Срна Попова и Наум Љатко, заедно со нивниот ментор и уметнички раководител на хорот, м-р Снежана Караџовска-Попова, зедоа учество на „26. издание на Интернационалниот музички фестивал MUSICLAND“, кој се одржуваше во Струга.

На овој престижен меѓународен музички фестивал настапија 160 изведувачи од 20 земји, а нивните изведби ги оценуваше 18-члено меѓународно жири, во чиј состав беше и уметничкиот раководител на „Бамбино“, Караџовска-Попова.

Учесниците беа распределени во пет возрасни категории, како и во категории за солисти и вокални групи. Младите охриѓани Срна и Наум се натпреваруваа како дует во првата возрасна категорија и остварија забележителен успех. За своите настапи тие се закитија со медал, пехар и дипломи за исклучителна изведба. Пред меѓународното жири се претставија со две стилски различни композиции – „A Whole New World“ од анимираниот филм „Aladdin“, во категоријата „World Hits“, како и со светскиот поп-хит „Die With a Smile“ на Lady Gaga и Bruno Mars, информираат од Караџовска-Попова.

Нивниот настап и освоените признанија, потенцира, претставуваат уште една потврда за талентот, посветеноста и музичкиот развој на младите членови на Охридскиот детски хор „Бамбино“, како и можност своите вокални способности да ги претстават пред меѓународна публика и стручно жири.

Во рамките на фестивалот, Караџовска-Попова, како член на меѓународното жири, исто така доби посебно признание и медал за својот придонес во работата на фестивалот.

Учеството на MUSICLAND, додава, е уште едно значајно меѓународно искуство за младите охридски изведувачи и поттик за нивното понатамошно музичко усовршување и нови успеси.

OhridNews