Македонија е земја на две паралелни обвинителства. Откако Специјалното јавно обвинителство отвори истрага за финансирањето на изборната кампања на ВМРО ДПМНЕ во 2014 година, медиумите открија дека и Јавното обвинителство води истрага, но за финансирањето на СДСМ на последните парламентарни избори.

ОЈО лиферуваше соопштение во кое се наведува дека во врска со изборни нерегуларности има отворено постапка уште во 2016 година.

„Основното јавно обвинителство – Скопје во работењето постапува неселективно и неповрзано со преземени дејствија на други органи, ја води постапката без да објави податоци за нејзиниот тек за да не ја повреди тајноста што  е обезбедена со закон.

Постапувајќи по кривична пријава поднесена од надлежна институција, Основното јавно обвинителство – Скопје минатата година оформи предмет против едно лице – организатор на изборна кампања и други лица, како и против едно правно лице за сторено кривично дело – Злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања од член 165-а од Кривичниот законик. Делата за кои е отворена постапката се во врска со употреба на недозволиви средства за изборна кампања и давање на лажни податоци во финансиските извештаи.“ – стои во соопштението на ОЈО.

Во рамките на постапката досега се преземени претходни дејствија, побарана и прибрана е материјална документација, релевантни писмени докази, а во просториите на Основното јавно обвинителство – Скопје се сослушани повеќе од 70 лица сведоци, се наведува во соопштението на ОЈО.

OhridNews