Со ребалансот на буџетот усвоен од советот на Општина Охрид имаме 1.791.500 денари помалку општински средства за основно и 3.500.000 денари помалку за средно образование. За капитални инвестиции и реконструкции на основни училишта минус 8.000.000 денари и 3.000.000 денари помалку за средно образование. СДСМ откако дојде на власт образованието во Охрид го допре дното, изјави Перчо Божиноски, портпарол на ОК ВМРО ДПМНЕ, на прес конференција, што се одржа денеска.
Уште една наставна година учениците и наставниците останаа без ветените проекти. За жал реалната ситуација е дека со оваа Локална власт нема да има замена на надворешна столарија во ОУ „Христо Узунов“, во музичкото учлиште „Методи Патче“, ОУ „Св. Наум Охридски“ (Коњско) и ОУ „Кочо Рацин“. Реконструкцијата на подовите ќе почека на подобри времиња за ОУ „Григор Прличев“ и ОУ „Кочо Рацин“ (Горно Лакочереј). – рече Божиноски.

Се кратат средства за обезбедување на училиштата и градинките со чуварска служба, а нема средства ниту за наградување на најдобрите наставници. Зошто Георгиески предложи да се скратат средства за реконструкција на подови во Гимназијата и во ЕМУЦ, како и за санација на покривот во Гимназијата? СДСМ и Георгиески кратат милионски суми на деца и нивната безбедност, како и правото на основни услови за работа за образовните институции. За градинки се кратат 16.300.000 денари, средства кои беа ветени за надградба, а сега се намалуваат на само 5.000.000 за санација на објект Централна. – додаде Божиноски.
Портпаролот на ОК ВМРО ДПМНЕ обвини дека Локалната власт предводена од СДСМ и Георгиески е против изградба, реконструкција и уредување на отворени спортски терени и дворни места во основните и средните училишта.
OhridNews











