Опозициската ВМРО ДПМНЕ силно ја критикува работата на јавните претпријатија во Охрид кои деновиве даваат отчет за сработеното во изминатата година.

Политиките на СДСМ отсекогаш значеле дека Јавните претпријатија треба да се користат како партиски инструмент. ЈП „Охридски Комуналец“ ја доживува најслабата година од неговото функционирање, смета ОК ВМРО ДПМНЕ. Партијата критикува дека биле набавувани половни возила и прашува зошто не биле набавувани нови, а забелешки има и за одржувањето на чистотата во градот и депонирањето на отпадот.

-Со депонирањето отпад и ѓубре на незаконски начин повторно ја активираа дивата депонија во „Мауцкер“. И покрај ветувањата и секојдневните најави проблемот со кучињата-скитници никако да се реши. Единствено нешто што направија е цветен тунел. Зошто нема навремено управување со комуналниот отпад, не се чисти градот, се отвораат нови депонии? – прашуваат од ВМРО ДПМНЕ.

Критики опозициската партија има и за отчетот на ЈП Градски пазар.

-Изградбата на затворениот пазар досега требаше да биде завршена и дополнително да биде поставен нов покрив, нова фасада и поделба на Хала за текстил на две нивоа. Дали намерно се одолговлекува заради тоа што не се дислоцирани тезгите во пазарот за да може инвеститорот да ги започне и заврши другите обврски од договорот со фасадата, покривот и халата? Дали заради тоа може да се доведе во прашање нормалното работење на пазарот? Наместо доизградба на затвгорениот пазар, охриѓани добија повисоки цени за тезгите, стагнација и беда. – смета ОК ВМРО ДПМНЕ.

Што се однесува до отчетот на ЈП Билјанини извори, ВМРО ДПМНЕ со критика дека партиската агенда се става над работата на претпријатието и интересите на граѓаните.

-До каде е модернизацијата на спортско-рекреативниот центар „Билјанини извори“ како спортски комплекс вклучувајќи сали, базени, балон сала? Нема изградба на спортски сали и подобрување на опремата и хигиенските услови во постоечките спортски сали. Со модернизација на системот за наплата на паркинг не се олесни начинот на наплата туку целиот систем се покажа како нефункционален и често за 1 час паркирање граѓаните беа приморани да плаќаат по неколку часа затоа што немаа можност да се одјават, а бројот на вработени остана ист. На охриѓани не им беа ветувани рампи кои создадоа сообраќаен хаос. Целта со паркинг-зоните не беше да се воведе ред во паркирањето туку профит со проширување на зоните и поскап паркинг. – смета ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид.

OhridNews