Вкупно 2572 поплаки од потрошувачи на коишто им биле прекршени потрошувачките права биле доставени до Организацијата на потрошувачите на Македонија – Скопје и останатите организации на потрошувачите со седиште во Охрид, Битола, Штип, Тетово и Кочани во текот на 2021 година.
Во Организацијата на потрошувачите на Македонија во советувалиштето кое функционира во Скопје и во Организацијата на потрошувачите во Охрид, во изминатата година се пожалиле околку 150 незадоволни потрoшувачи од Охрид, вели Мартина Грнчаревска од Организацијата на потрошувачи на Македонија.
Поплаките, како што вели Грнчаревска, се однесувале најчесто на купување неквалитетни производи, проблеми со остварување на правата од гаранција и сервисирање, неможност за враќање на производот во законски рок од 15 дена, како и проблемите со онлајн продажбата, конкретно нелегалните продажби на социјалните мрежи.
Проблемот е што купувачите кога купуваат преку интернет не знаат дали купуваат од легални или од нелегални онлајн продавници. Најчесто нелегалните продавници имаат свој профил на социјалните мрежи, телефон, адреса кои и во најголем случај се непостоечки. При онлајн купувањето, особено доколку станува збор за купување од социјалните мрежи е потребно потрошувачите однапред да утврдат дали таа продавница е регистрирана фирма, дали има седиште, физичка продавница или пак е регистрирана онлајн продавница, дали продавачот нуди можност за плаќање преку трансакција, преку уплатница во банка и за нарачката им испраќа валидна потврда на меил, дали при испорака на производот им доставува фискална сметка/ фактура или сметкопотврда. Продавачите кои не се регистрирани не издаваат фискална сметка, гарантен лист, фактура и друга техничка документација за одреден технички производ или бела техника, вели Грнчаревска.
Потрошувачите при купувањето на производи дали тоа ќе биде физички во продавница или онлајн секогаш треба од трговецот да бараат да им се издаде фискална сметка или фактура, доколку купуваат технички производ или производи од бела техника да им биде дадено упатство за употреба и гаранција за производот, додава Грнчаревска.
Доколку станува збор за услуги, без оглед дали се финансики услуги или друг тип на услуги (туристички, сервис, и сл) секогаш однапред со трговецот да го договорат начинот на исполнување на тие услуги по можност преку писмен договор. Доколку склучуваат договори на далечина (онлајн продажба) или договори надвор од деловни простории (презентации, телефонски продажби), треба секогаш да бараат да им биде доставен писмен договор и секако да го знаат своето право на откажување кое е 14 дена од денот на склучениот договор, потенцира Грчаревска.
Н.С.Ј.













