Околу 1.600 административци седат дома, а земаат плата. Ова вчера го соопшти државниот секретар од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА),  Јахи Јахиу, пренесуваат националните медиуми.

„Оваа бројка е дел од спроведувањето на рамковниот договор – државни службеници немаат работен ангажман, но имаат редовни месечни приходи. И покрај слабостите во практичната реализација, правичната застапеност на етничките заедници е позитивна за општеството и преку неа државата ги подобрува услугите кон граѓаните“, рече Јахиу.

Ваквата пракса е со години по ред критикувана во Извештајот за напредокот на земјава на Европската комисија. Во извештајот  од оваа година, објавен пред две недели, пишува:

„Напорите за достигнување на целите на правична застапеност не ги земаат секогаш предвид реалните кадровски потреби на институциите и начелото на заслуги. Се зголеми бројот на вработени во јавниот сектор кои не мора да се појават на работа. Надлежноста на Министерството за информатичко општество и администрација за координација и следење на управувањето со човечките ресурси е проширена за да ги покрие сите институции од јавниот сектор. Министерството е надлежно за обезбедување на навремени податоци во реално време  за целата јавна служба. Вкупниот број на постојани и привремено вработени, од сите видови, треба да биде јавно достапен на редовна основа (Итен реформски приоритет)“, стои во извештајот.

OhridNews