Околу 1.600 охриѓани се вакцинирале против сезонски грип до крајот на минатиот месец, со што завршила имунизацијата против ова вирусно заболување во Центарот за јавно здравје во Охрид.
Како што информираат оттаму, против грип најчесто се вакцинирале повозрасните лица кои имаат над 65 години, лица со хронични форми на заболувања, бремени жени и деца кои имаат намален имунитет, но интерес за вакцинација пројавиле и други категории на население како што се здравствените работници и лица кои имаат професии, во кои при извршување на работните активности имаат постојан контакт со луѓе.
Според стручните медицински лица, вакцината против грип се дава на доброволна база и најдобро е истата да се прими пред почетокот на сезоната на грип, за да може организмот да развие имунитет навреме. Вакцината му обезбедува заштита на организмот од вирусот на грип во времетраење од најмногу една година и затоа е потребно вакцинацијата да се повторува секоја година пред започнување на сезоната на грип.
Инаку во моментов на подрачјето на Охрид не е регистриран ниту еден заболен од сезонски грип, а мал бил и бројот на лица со инфекции на горнореспираторниот систем.
OhridNews