Околу 5.000 фирми не набавиле фискална каса со ГПРС-уред и ризикуваат, покрај ригорозни парични казни, да бидат затворени од инспекциите бидејќи законскиот рок за поставување заврши вчера.
На последниот ден 3.958 обврзници успешно регистрирале 9.100 фискални апарати со ГПРС-уред. Во оваа фаза 8.900 фирми кои имаат промет од над 10 милиони денари претходната година, како и обврзници што вршат угостителска дејност и промет на нафтени деривати на мало, требаше да набават од новите фискални каси. Останатите 39.600 фирми треба да ги набават до крајот на јануари в година.
-И покрај постојаните апели од УЈП упатени преку средствата за јавно информирање, како и доставените персонализирани известувања до даночните обврзници за навремена регистрација и воведување фискален апарат со ГПРС-уред, околу 5.000 обврзници воопшто ја немаат почнато оваа постапка – наведуваат од УЈП. Од таму информираат дека законот предвидува привремена мерка забрана за вршење дејност и парични глоби за правното лице и за одговорното лице доколку немаат воведено фискален систем со ГПРС.
Компаниите што нема да имаат нов фискален апарат ќе треба да платат казна исто како да немаат фискална каса. Станува збор за парични глоби од 300 до 1.500 евра, а може да им се изрече и казна забрана за вршење дејност од 1 до 3 години.
OhridNews
Извор: „Дневник“