На Октиси како да не му е судено да добие питка вода. Пред дваесетина години жителите на Вевчани не дозволија дел од водата од познатите вевчански извори да им се отстапи на соседите. Сега кога водата е обезбедена од горнобеличките извори, на нејзиниот пат до  Октиси се испречи расправијата помеѓу градоначалникот на Струга Рамиз Мерко и пратеникот Фијат Цаноски.


Навреден затоа што Цаноски ја пресече црвената лента, струшкиот градоначалник ги сопре вентилите од горнобеличките извори од каде треба да потече водата во новиот водовод во кој државата вложи 7,5 милиони денари. Тоа не го спречи Цаноски да доненесе шарена чешма во центарот на Октиси од која тој и присутните на свеченоста пиеја вода. Но, чешмата вчера ја немаше на истото место, а градоначалникот Мерко тврди дека свеченоста била фарса и дека вода од новиот водовод во Октиси не е пуштена.

Пратеникот и заменик министерот за локална самоуправа од ПЕИ по секоја цена не сакаа пуштањето во употреба на новиот водовод во Октиси да го означат институциите и самоволно организирале паралелна свеченост, со што одговорно тврдам, ги излажале граѓаните на Октиси бидејќи водата не беше пуштена во новоизградениот водовод, ни изјави Рамиз Мерко.

Тој најави дека новиот водовод во употреба ќе го пуштат локалната самоуправа и Министерството за транспоорт кога ќе се создадат услови за тоа и го обвини пратеникот Цаноски дека со своето однесување ги  ставил во заложништво жителите на Октиси.

Фијат Цаноски вели дека новиот водовод веќе е пуштен во употреба и нема потреба градоначалникот на Струга да доаѓа во Октиси, затоа што не е пожелен.

Тој водовод е изграден со средства од државата и на граѓаните од кои поголем дел обезбедив јас. На отворањето на водоводот требаше да присуствува министерот за транспорт кој од оправдани причини го откажа доаѓањето, а градоначалникот на Струга не е добредојден во Октиси затоа што тој беше противник за градењето на овој водовод, рече Цаноски.

Тој додаде дека Мерко не е добредојден и во многу други села во струшко, бидејќи како што рече „тој за нас е нелигитимен градоначалник и прави големи опструкции на граѓаните од овие села“

И додека политичките ривали жестоко се препукуваат, жителети на Октиси мака мачат со водата за пиење, бидејќи стариот водовод ни оддалеку не ги задоволува потребите на едно од најголемите населени места во струшко. Тие се револтирани од однесувањето на политичарите, кои како што велат, наместо да решаваат, создаваат проблеми.
 
– Во 21 век е многу лошо село со 5000 жители да нема вода за пиење и не е убаво што се прават поделби. Сите заеднички сложно треба да одиме напред и да се обезбеди вода за пиење која ни е прекупотребна, затоа што светот се соочува со недостиг на вода, а ние ја имаме, а не ја користиме, вели Тосул Усоски, жител на Октиси.

Октишани очекуваат народните избраници сериозно да се однесуваат кон проблемот со водоснабдувањето на селото и да не ја користат нивната мака за евтини политички поени.

Ohridneews