Македонските олимпијци Kристијан Ефремов и Христина Ристеска во изминатите десетина дена во Охрид се подготовуваа за настапот на Олимпијадата во Лондон. Подготовките минале одлично благодарние на одличните услови за тренинг и одмор кој го имале атлетичарите во градот покрај езерото.
– На овие 10 дневни подготовки кои ги обезбеди МОК соодветно се подготвивме за да го дадеме својот максимум. Мојот настап е на 4 август на трката на 400 метри, каде се надевам дека ќе го соборам мојот личен резултат 48.26 и ќе ја претставам Македонија во најдобро светло. Сум настапувал на доста балкански, европски натпревари, но настапот на Олимпијадата е врвно достигнување на секој спортист, има посебен шмек тоа е најголемото натпреварување на планетата и чест ми е што ќе учествувам на него. – рече Христијан Ефремов.
– Добро се подготвуваме со мојот тренер Александра Војнеска која ми ја дава комплетната подршка за што подобро да се подготвам за игрите во Лондон. Според подготовките што ги имавме се надевам на добра трка и подобрување на моето најдобро остварување. Чест ми е што ќе ја претставувам Македонија и со нетрпение го очекувам стартот на олимпискиот тартан, каде се надевам дека се ќе биде во ред – рече Ристеска
Атлетичарите се вредни и исполнителни, тренинзите се одвиваа во најдобар ред и се надевам дека ќе успеат сето ова што го работевме да го пренесат на трка и ако не друго барем да постигнат лични резултати, вели Александра Војнеска тренерот на Ристеска, која настапи на Олимпијадата во Атина, каде го постави македонскиот рекорд на 100 метри, кој се уште е актуелен.
– Пред 8 години во 2004 година настапив на Олимпијадата во Атина на трката на 100 метри и постигнав резултат 11.74 што се уште е македонски рекорд. Тогаш како атлетичар а сега како тренер се враќам на Олимпијадата, но жарот на самиот збор Олимпијада е ист и како атлетичар и како тренер. Мило ми е што успеав на ваков начин да се вратам во атлетиката по повредата на ахиловата тетива, поради која прекинав активно да се занимавам со тренирањето. Оттогаш почнав да работам со млади атлетичари потоа дојде и Христина и успеавме да стигнеме на ова ниво каде што сме сега –вели Војнеска.
Се уште далеку сме до заминување на Олимипјадата со постигната норма но заедничката работа на сите субјекти може да не приближи до целта.
– Имаме талентирани деца, имаме солидни тренери и во помладата и во постарата генерација, така што со една заедничка соработка на клубовите и пред се поголема подршка од Атлетската федерација на Македонија, како и соработката со МОК и АМС може да се надеваме до приближување до тие норми, тешко е за исполнување ама барем до приближување – завршува Војнеска.
М.П.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com