Во водите на Охридското Езеро, кај градскиот кеј, денеска се одржа третото издание на Олимпискиот пливачки маратон на 10 километри во рамки на кој се одржаа и трки на 5 и 2,5 километри. Маратонот се одржа во организација на Клубот за спортови на вода Охридски бранови 2008 и Националната пливачка федерација на Македонија, а со поддршка од Агенцијата за млади и спорт, компаниите Костал, Макпетрол АД, Општина Охрид и Агенцијата за цивилно воздухоплоство.

Во олимписката дисциплина од 10 километри, нашиот Евгениј Поп Ацев немаше конкуренција и сам ја исплива трката од почеток до крај.

Во трката на 5 километри, во машка конкуренција најдобро време оствари Андреј Стојаноски (1.07.36.45 ч.), втор пристигна Божидар Мирчески, а трет Давид Краљевски.

Признанијата на најдобрите во трката на 5 километри ги додели претставник на компанијата Костал-Македонија, која, пак, од организаторот на манифестацијата доби признание за поддршка на пливачкиот спорт. Признанија им беа доделени и на компанијата Макпетрол, и други помагатели.

Во женска конкуренција првото место на 5 километри го освои Јана Костадиновска, пред Калина Стојчевска и Лина Јордановска.

Во трката на 2,5 километри во машка конуренција победи Андреј Крстевски, втор беше Марио Ѓузиќ, а трет Миле Манов. Во женска конкуренција на стартот се појавија само две натпреварувачки, Калина Стојановска и Рита Зекири која имаше за околу седум минути послабо време од ривалката.

За регуларноста на трката се погрижија 10 судии, професори по физичко образовение и култура од Охрид, а за безбедноста и здравјето на пливачите беше задолжен Црвен Крст – Охрид.

OhridNews