Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) смета дека самиот чин на доделување на мандатот на Зоран Заев, од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов, треба да се прифати како чекор напред кон смирување на моменталната политичка криза во државата и промена со која се очекува Македонија да започне да гради граѓанско општество кое ќе ги почитува основните македонски принципи, унитарноста на државата, националниот интерес и пред се строго почитување на институциите и правниот систем. ОМД го повикува Заев на трезвено одлучување при формирањето на министерските позиции и поставувањето на квалитетен и стручен кадар на истите, без криминално досие и чиј приоритет ќе биде заштита на националните одбележја и интереси на Македонија.

Во истиот контекст, ОМД сугерира на можност за формирање на Министерство за дијаспора со оглед на фактот дека дијаспората представува најдобар амбасадор на Македонија надвор од нејзините граници. Со отварањето на ова министерство би се продлабочиле односите помеѓу Македонија и македонските иселеници и би се овозможиле шанси за нивно учество во економскиот развој на државата, како и нивно директно учество во спроведување на демократското владеење, велат од Обединетата Македонска Дијаспора 

-Господинот Заев доби историска можност да игра важна улога во градењето на иднината на Македонија. ОМД се надева дека тој ќе го искористи овој уникатен момент за подобрување на имиџот на Македонија во странство, со тоа што ќе работи на враќање на Македонија на вистинскиот пат за целосна евро-атлантска интеграција без никакви условувања за името и идентитетот на Македонија. Како лидер на парламентарното мнозинство, ОМД очекува од г-дин Заев да ја состави и води новата влада на Македонија по западните демократски принципи со потполно почитување и спроведување на правниот систем. ОМД инсистира на реконструкција на економијата во Македонија, зајакнување на здравствениот, социјалниот и образовниот систем, вклучувајќи и создавајќи можности за нови работни места со што ќе се намали невработеноста на Македонија, како и подобрување на патната инфраструктура. ОМД сака да ја искористи оваа можност да ја истакни потребата за реконструкција на системот за социјална заштита за подобрување на состојбата на деца и возрасни со посебни потреби и деца без родители. – соопшти Обединетата Македонска Дијаспора.

ОМД го охрабрува Заев да оствари соработка со опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ, со што би се овозможило решавање на разликите, а би резултирало со движење на Македонија кон поволни промени.

-Како што ОМД се обрати на СДСМ, кога беше опозиција, така се обраќа и кон ВМРО-ДПМНЕ да бидат силна и конструктивна опозиција, со што би имале директно влијание врз македонската влада, да биде одговорна, транспарентна, и прогресивна. – е ставот на Обединетата Македонска Дијаспора.

OhridNews