Спротивставените страни во мак-фудбалот, кои деновиве бијат битки околу усогласување на нацрт-статутот на ФФМ, влегуваат во пресметка за расчистување на состојбите на теренот. Лигашкиот фудбал во Македонија одамна е во криза. Домашната сцена од поодамна не исфрла репрезентативци, а сe помалку и во младите категории.


Стадионите зјаат празни. Најславните брендови, трофејниот Вардар и Пелистер, се пред испаѓање од елитата. Спасот од лигата со 12 екипи и играње во трикружен натпреварувачки дел, противниците на актуелното раководство на ФФМ го гледаат во проширување на прволигашкото друштво.

– Јавно им предлагам на луѓето од ФФМ да поведат акција и да го сменат системот на натпревари со проширување на Првата лига, како што го направија и со второлигашката конкуренција. Со една таква одлука на Собранието ќе го спасиме фудбалот од агонијата во која се наоѓа. Од ваквата лига фудбалот само назадува, наместо да се развива, па затоа и нема резултати – вели Масар Омерагиќ, во изјава за Дневник, претставникот на незадоволната страна од практикувањето на фудбалската власт во работната група за новиот Статут.