За таа цел составена е база на податоци, во која има листа на сите услуги кои ги обезбедуваат сите јавни здравствени установи во земјава што имаат договор со Фондот за здравство,а која е достапна на веб-страницата на Министерството за здравство.
Како што денес најави министерот за здравство, Никола Тодоров, наскоро ќе бидат изработени и компакт дискови со податоците од базата што ќе им бидат поделени на докторите за да имаат пристап до базата на податоци и доколку немаат интернет или пак имаат ограничен пристап на интернет.
Според Тодоров, новиот систем на упатување на пациентите е многу подобар од претходниот кој бараше задолжително пациентите да се упатуваат во најблиската јавна здравствена установа, а не онаму каде што може да се добие услугата. Со новиот модел на упатување осигуреникот ќе може да користи здравствени услуги во специјалистичко-консултативната здравствена заштита со упат од избраниот лекар, додека во болничката здравствена заштита, субспецијалиситчката и специјалистичката здравствена заштита во универзитетските клиники во Скопје со упат од лекар специјалист или субспецијалист. Исклучок ќе бидат само ургентните случаи, хроничните болни, децата до 14 годинини и трудниците.
Новиот модел на упатување се однесува за сите јавни здравствени установи и ординации по примарна здравствена заштита, општа медицина, гинекологија и општа стоматологија, како и приватните здравствени установи кои имаат склучено договор со ФЗОМ.
Новиот систем на упатување на пациентите официјално треба да стапи на сила од 1 јануари идната година.