Сигурноста е една од основните потреби на граѓаните на секоја држава и интегративен дел од квалитетното живеење. Оттаму, елминирањето на предусловите за создавање криминал е исто толку важно како и борбата против криминалните активности како што се трговијата со луѓе и илигалната миграција, како сериозни облици на кршење на човековите права. Ова го изјави државниот секретар во министерството за труд и социјална политика, Муедин Кахвеџи, на дводневниот семинар за улогата на центрите за социјална работа во превенцијата и заштитата на жртвите на трговија со луѓе, кој се оддржува во Охрид, а на кој учествуваат директорите на Центрите за социјални работи.

Кахвеџи истакна дека и во Македонија постојат организирани криминални групи што вршат трговија со луѓе и криумчарење мигранти.

–    Согласно интересите и напорите на меѓународната заедница за заедничко дејствување во сузбивањето на тие појави и имплементацијата на Националната програма за борба против трговијата со луѓе и илегална миграција, Министерството за труд и социјална политика ги интензивира, надгради и прошири мерките и активностите насочени кон превенција и заштита на жртвите на трговија со луѓе, особено со жените и децата, истакна Кахвеџи.

Од страна на државниот секретар беше нагласено дека Македонија во идниот период треба да ги концентрира своите напори на полето на превенцијата од трговијата со луѓе и борбата против корените и причините за регрутација на потенцијалните жртви.

Во однос на евидентираните жртви на трговија со луѓе, во последните неколку години во Македонија е евидентирано намалување на нивниот број. Како што истакнуваат надлежните, тоа се должи на зајакнатата законска регулатива и координираните активности на институциите.
 
Семинарот е во организација на Министерството за труд и социјална политика во соработка со ГИЗ канцеларија во Република Македонија во рамки на тригодишниот проект за кој е потпишан меѓусебен меморандум за соработка.

OhridNews