Поранешниот разузнавач и првиот главен човек на тајните служби на самостојна Македонија, Слободан Богоески по десет години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и по две години поминати во затвор ги „отвори картите“ и во интервју за емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма, на поранешниот премиер, Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков им порача дека ќе завршат во жолтото комбе што го споменуваат, го анализира интервјуто на Богоевски агенцијата „Макфакс“.
Богоески се сомнева дека ќе се докаже евентуалниот криминал на власта, но вели дека нивниот живот ќе заврши во комбе од затвор во суд, од суд во затвор.
„Имаат направено многу кривични дела и мислам дека тоа жолтото комбе што го споменуваат ќе им биде нивната судбина“, рече Богоески.
Владеењето на власта Богоески го нарече патологија, а Груевски и Мијалков глумеле важни личности кои се шетале со огромно обезбедување околу себе. „Секој втор човек ќе ги плукне, но нема да ги отепа“, вели Богоески кој вели дека тие се исплашени од себеси и од злоделата што ги направиле и затоа мислат дека се загрозени.
Историскиот закономерности во ВМРО, според Богоески, покажуваат дека сите оние кои се замислиле дека се водачи на крајот им пресудило самото ВМРО, со камата, и предвидува дека истото ќе и се случи на оваа власт.
„Прво ВМРО ќе им пресуди, а потоа народот. За нив е најсреќна варијанта да им пресуди народот на избори“, рече Богоески.
Името на Слободан Богоески власта го поврзуваше со сообраќајната несреќа во којашто загина вујкото на Груевски, односно таткото на Сашо Мијалков, Јордан Мијалков, односно дека тој го смислил сценариото Мијалков да биде ликвидиран.
„Ние не само што не сме го осмислиле, не сме го извршиле. Тоа им е јасно и на нив и на сите. Станува збор за сообраќајка на којашто се правени увиди, реконструкциии со учество на наши македонски и српски екипи. Нив исто така им е јасно дека станува збор за несреќа“, вели Богоески.
Нивните ментори, според она што го кажа Богоески смислиле приказна делка Јордан Мијалков бил голем вмровец и дека службата го убила оти бил голем вмровец и Македонец.
„Тоа е апсолутна невистина, доколку било така, тие се 11-та година на власт, сите докази им се во раце. Тие можат да ги обелоденат, можат да водат било каква постапка, но пропагандно за да ги излажат членовите на ВМРО-ДПМНЕ дека тие биле вмровци постојано ја повторуваат таа теза“, вели Богоески.
„Досега не сум го коментирал тоа бидејќи тој е починат, тој не само што немаше допирна врска со ВМРО и ВМРО-ДПМНЕ, туку тој е еден од оние заради кој многумина се судени за национализам и за вмровски активности во Македонија.
Мијалков се фати сам во сопствената замка
За таткото на Мијалков, Боегоески вели дека не знае како би постапувал тој доколку имал голема моќ каква што има неговиот син денес. Во времето кога бил министер за внатрешни работи по осамостојувањето на Македонија, немал никакви овластувања, освен да потпишува решенија.
Но, за работењето на Сашо Мијаков, Богоески не штедеше зборови. Ја потврди информацијата дека бил притворен за трговија со дрога, давал наредби за прислушување од кафана и дека одлепил од реланоста.
„Нормално беше со неговиот криминален бекграунд како и секој аматер кој влегол во тие професионални води, особено Мијалков, без никаква контрола се очекуваше дека ќе одлепи од реалноста и иронијата да биде најголема, тоа што го работел, сега е клучниот доказ за неговите криминалии. Прислушувањето односно контролата самиот го наложил и организирал во едни епски размери незабележани во Европа по втората светска војна. Сега се фати самиот во сопствената замка. Тоа што го наредил е клучниот доказ за криминалите во фамилијата“, изјави Богоески.
Аферата за прислушување со којашто беше обелоденето дека се прислушувале 20.000 тефонски броеви според Богоески, е бројка којашто не ја „достигнале“ ниту ОЗНА, ниту УДБА, ниту СДБ од 1945 година во цела Југославија.
Богоески: Груевски е во зародишот на криминалот за продажбата на „Телеком“.
Според кажувањата на Богоески, ментор на Никола Груевски е првиот премиер на самостојна Македонија, Никола Кљусев, а главниот поддржувач на Груевски за да стане прв човек во ВМРО-ДПМНЕ бил грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас.
Потписник на договорот за продажба на ОКТА, како што тврди Богоески, бил Кондоминас кој заработил милиони евра од криминалот од оваа зделка, а за возврат го предложил Груевски за лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Тврдењата на Богоески се дел од обвинението што Американската комисија за хартии од вредност пред окружниот суд во Њујорк го покрена против поранешните директори на „Маѓар Телеком“ за поткуп на македонски политичари.
И за овој случај Богоески го обвинува Груевски и вели дека токму тој е во зародишот на криминалот, дека е клучниот актер во пазарењето со Кондоминас.
Според него, парите биле обезбедувани од народот бидејќи „Телеком“ имало најголема тарифа од целиот систем на „Дојче телеком“ и нашиот „Телеком“ имал најпрофитан со монополска позиција.
Ме елиминираа како опасност за нивните криминали
Богоески беше осуден на затворска казна за малверзации со градежното земјиште кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Тој заедно со двајца адвокати од Скопје, двајца управители на фирми и еден Словенец беа обвинети за перење на повеќе од милион евра, словенечки пари кои биле земени наводно за да се раскине договорот со кипарска фирма која го купила земјиштето во близина на спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
Договорот бил веќе раскинат, а на земјиштето Словенците биле заинтересирани да го изградат комплексот „Меркатор”.
По издржувањето на затврската казна Богоески вели дека го елиминирале како опасност за нивните криминали.
„Никогаш не сум влегол во такви комбинаторки па некој да ме смести. Во конкретниот случај за тоа за што тие поведоа постапка потив мене, се работи за најбрутално кршење на уставот и законите од стана на Груевски и Мијалков кои по налог, бидејќи кај нас не постои на обвинителство и судство, поведоа за нешто што не може да биде претставено ни како прекршок. Се работи за облигационо-правни дела, склучени меѓу физички и правни лица, едно е со владата односно министерството во кое ниту е повреден јавниот интерес, тоа го констатираат тие самите, ниту некој е оштетен ниту некој пријавува или предјавува било што. Наеднаш за да ме елиминираат мене како опасност за нивните криминали одлучиле да ме тргнат како некоја опасност, вели Богоески.
Овој случај за него е монтиран, а кривични дела извршиле Груевски, Мијалков, но и обвинителите Марко Зврлевски и Јово Вангеловски.
ВМРО-ДПМНЕ ќе го тужи Богоески
По обвинувањата во интервјуто од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со соопштение во кое најавија тужба против Богоески.
„Лицето Слободан Богоески, осуден за криминал за кој има одлежано казна затвор, синоќа ја искористи Телевизија Телма и времето кое му беше дадено во емисија Топ Тема за да изнесе, лаги и клевети во обид да го наруши угледот на ВМРО-ДПМНЕ и функционери од партијата. За сите невистини кои ги изнесе осуденото лице за криминал Слободан Богоески, ќе добие тужби за клевета пред надлежниот суд.За ВМРО-ДПМНЕ гостувањето на Слободан Богоески претставува уште еден очајнички обид на аболицираниот криминалец Зоран Заев, да користи лица кои биле осудени за криминал и лежеле казна затвор за да му ја вршат валканата работа, надевајќи се дека со лаги и клевети ќе успее да го изманипулира народот, наметнувајќи му мислење дека сите политичари се исти“, се вели во реакцијата.
OhridNews
извор: „Макфакс“