Советот на општина Охрид, на денешната 30- та седница ги усвои извештаите за реализација на програмите за периодот од 1- ви јули до 30- ти септември за Програмата за поттикнување на развојот на туризмот, Програмата за поддршка на локалниот економски развој, како и Извештајот за остварување на Буџетот од почетокот на годината до 30- ти септември, одлуката за извршување на Буџетот на општина Охрид за 2014 година и Буџетскиот календар на општина Охрид за 2015 година.
Најголемите забелешки од страна на опозицијата беа упатени во однос на реализираниот буџет и извештајот на секторот за туризам и локален економски развој.
– Од презентираните бројки јасно е дека имаме извршување на буџетот од 54,5% што значи дека и оваа година нема да биде остварен според планираното, затоа ги одложивме нашите дискусии за две недели кога за жал ќе имаме ребаланс на буџет и скратување на одредени програми кои им се ветени на граѓани, но по се изгледа ќе нема средства да се остварат. Забелешки имаме и во поглед на извештаите, меѓу кои и за извештајот на ТЛЕР каде едноставно се наведени некои активности кои директно не придонесуваат за локален економски развој, рече координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски .
Секретарот Димитар Спасески со спротивен став дека буџетот е со солидна реализација.
– Апсолутно не се согласуваме со нивните ставови дека буџетот се реализирал во недоволен процент, буџетот има солидни приходи следствено на тоа општина Охрид секојдневно исплаќа дел и од наследените долгови. Работењето на оваа локална власт не создава долгови, нашите обврски преземени согласно тендери редовно ги плаќаме и нема поголем доказ од тоа дека буџетот функционира добро, како што треба. При самото составување на буџетот никогаш не може да очекувате дека во 100% ќе се оствари, а последниот квартал се користи за исплаќање на сите оние обврски кои заостануваат цела година, особено данокот на имот, вели Спасески.
Советот ги изгласа и Развојната програма за изградба на системи за одведување и прочистување на отпадни води 2014-2016 година, Програмата за изградба на сообраќајна сигнализација, Програмата за јавна чистота, Развојната програма за јавно осветлување 2014-2016 година, Програмата за одржување и заштита на локални патишта, улици и регулирање на режим на сообраќај, Програмата за одржување и користење на паркови и зеленило и Развојната програма за уредување на градежно земјиште 2014-2016 година, како и Иницијативата за дополнување на Статутот на општина Охрид.
На седницата,беа прифатени предложените одлуки за спроведување на мерки за субвенционирање на трошоци за користење на спортски терени на ЈП „Билјанини извори“ , за авто такси превоз на патници во општина Охрид, за организирање на режимот на сообраќај на дел од територијата на општина Охрид и за усвојување на измените и дополнувањата на Развојната Програма за изработка на урбанистички планови за општина Охрид во 2014-2016 година.
Т.К.