ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Никола Груевски, предизборно, во трите месеца до распишувањето на претседателските избори годинава, се стекнале со партиски имот вреден над 1,6 милиони евра, обвини вчера претседателот на СДСМ Зоран Заев, пренесува „Макфакс“.
Според него, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во ноември, декември и јануари се стекнале со станови, деловни простории, како и земјишни парцели.
„СДСМ, во ноември, во време кога Груевски и ВМРО-ДПМНЕ на големо го проширувале партискиот имот, го обелодени Ревизорскиот извештај, во којшто е изразена резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на ВМРО-ДПМНЕ потпишани лично од Никола Груевски”, рече Заев.
Тој додаде дека институциите, до овој момент не мрднале со прст да постапат по овие наводи на Ревизорот.
„Се молчи и за Финансискиот извештај на ВМРО-ДПМНЕ, за изборите во 2011-та година, којшто покажа финансиска дупка на оваа партија од 3.500.000 евра. ВМРО-ДПМНЕ, којашто во 2011 година имала долг од 3.500.000 евра, денес, само три години подоцна, како во феудализмот, станува сопственик на што ќе стигне во Македонија”, рече Заев.
Претседателот на СДСМ го повика Груевски да излезе пред јавноста и да ги признае, како што рече, сите финансиски скандали во коишто е длабоко влезен и тој лично и тесната група околу него.
На СДСМ и на Зоран Заев очигледно им пречи што ВМРО-ДПМНЕ има сопствени штабови во поголемите градови низ Македонија. Ако тоа им пречи, ние сме спремни да се откажеме од тие штабови и нашите состаноци да ги држиме на отворено, на плоштадите.
Ова се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата на претседателот на СДСМ Зоран Заев, кој обвини дека партијата на власт за само три месеца пред претседателските избори се стекнала со имот вреден над 1,6 милиони евра.
„СДСМ немале потреба да се мачат и да бараат по архивите на државните институции колку штабови има ВМРО-ДПМНЕ низ Македонија, бидејќи тоа се јавно достапни документи во Катастр и се докуменит кои се достапни и на Државниот завод за ревизија и на сите надлежни институции. На крај, ако имале желба можеле да се јават и да ни ги побараат. Ние ќе им ги дадевме. Ако СДСМ имаат желба ние навистина ги покануваме да дојдат кај нас и да им ги презентираме сите докумети и договори за купување на штабови во поголемите градови”, се вели во реакцијата.
Понатаму се додава дека СДСМ е партија која наследила огромен имот од поранешниот Сојуз на комунисти на Македонија.
„До ден денес тие користат имот кој е граден со пари од сите граѓаните и за тоа не дале никаква сметка и не понеле никаква одговорност. За разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ низ Македонија немаше ниту една гаража каде можеше да ги одржува своите состаноци”, пишува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
„Вредноста на недвижниот имотот со кој распола СДСМ има минимална пазарна цена од над 5 000 000 евра. Но овие пари не се ниту од чланарини, ниту од донации. Овие пари се на сите граѓани на Република Македонија, а СДСМ ги зграбила како наследник на Сојузот на комунисти”, се вели во реакцијата.
Понатаму се додава дека не е точна вредноста на купениот имот, чија висина Заев ја наведе дека изнесува над 1,6 милиони евра.
„Во минатите години ВМРО-ДПМНЕ купи простор за штабови. Тие штабови се купени од многу различни субјекти, од физички лица и од фирми. Штабовите во градови низ Македонија се платени од средствата на партијата стекнати врз база на закон. За сите објекти кои се купени (а дел се во руинирана состојба и треба да се реконструираат и реновираат) платен е данок за што ВМРО-ДПМНЕ поседува валидни документи кои се достапни на јавноста, но и кои се предмет на ревизија од страна на сите надлежни државни институции”, се додава во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ го прашаа Заев кога СДСМ ќе го врати имотот со кој располага, а е граден со пари на сите граѓани и чија вредност достигнува над 5 000 000 евра.
OhridNews
извор:„Макфакс“