41- та седница на советот која започна со изгласување на првите неколку точки со мнозинство гласови,премина во бурна расправа и меѓусебни обвинувања кога на дневен ред дојде предлог одлуката за дополнување на Програмата за работа за располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија, што се однесува на три парцели во рамки на кампот Елешец. Советниците од СДСМ, ЛДП и НСДП , како што изјавија, незадоволни што локалната власт повторно се обидува да оттуѓи општински имот, ја напуштија седницата.
– Советниците предводени од ВМРО –ДПМНЕ донесоа уште една страшно лоша одлука поврзана со продажба на дел од имотот на општината. Седум, осум пати продадоа парцели во општина Охрид. Тоа ниту беше дел од нивната изборна програма, ниту воопшто се прифаќа во деловното одлучување ни во одлучувањето на една јавна администрација да се продава земјиште без да се има програма за што ќе бидат искористени средствата од продажбата. Напуштањето на седницата е исклучиво да се заштитат интересите на граѓаните на општина Охрид. Земјиштето е наследено и во сопственот на општина Охрид а никој не добил мандат да продава земјиште, изјави по напуштањето на седницата координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски.
Тој потенцира дека имаат разбирање дека секоја општина има и социјален апспект да ги задоволува комуналните барања на граѓаните, но дека треба да се стави акцент на инвестициска активност, вложување во профитабилни проекти кои ќе го полнат буџетот.
Со ваквиот став се согласуваат и советниците од ВМРО- НП кои гласаа против предлог одлуката.
– Интересно е што неодамна за тој потег се донесе урбанистички план и продажбата на ова земјиште е дооформување на оваа парцела онаму каде што жители на Пештани имаат имотен спор со државата и тоа земјиште се урбанизира без нивна согласност. Сешуте се води спор за враќање на имотот на овие жители, а од друга страна ова земјиште е урбанизирано од страна на приватно лице, бизнисмен кој е заинтересиран за градба. Прашањето е дали дооформувањето на оваа парцела е во правец на дооформување на оваа парцела и ставање во функција на одредени лица за изградба на објекти, блиски до актуелната гарнитура на власт, вели советникот од ВМРО- НП, Јоне Станкоски.
Секретарот на општина охрид, Димитар Спасески напуштањето на седницата на опозициските советници го гледа како уште една пародија, во недостиг на аргументи.
– Предметната одука се однесува на ставање во програма на три парцели кои согласно донесен ДУП за Елешец и набавен имотен лист од катастар се на РМ, а располага општина Охрид. За да општината располага со одредено земјиште, треба да се донесе ДУП, кога ќе се донесе план и се утврди дека е сопственост на РМ тоа значи дека општината ќе располага со тоа земјиште. Се вклучува во програмата , при што предвидени се неколку можности за располагање со тоа земјиште, меѓу кои е и продажба. Кога ќе се одлучи што ќе се прави со трите локации повторно се оди на совет за да се одлучи дали ќе се продава. Како општина не знаеме дали има постапка за денационализација, имаме имотен лист кој кажува дека е сопственост на РМ и не можеме да прејудицираме дали ќе дојде до запишување на некакви права , дали ќе заврши процес на денационализација. Но, ако се донесе одлука за размена или оттуѓување секако треба да се побара нова состојба од агенцијата за катастар и ако се утврди дека таа локација е во сопственост на општината тогаш ќе продолжи постапката, објаснува Спасески .
Советниците со спротиставени мислења и околу предлог одлуката за летен сообраќаен режим. Опозицијата не ја поддржа предлог одлуката, како што велат, поради немањето соодветна стручна студија врз основ на која ќе се носи режимот на сообраќај во лето.
– Уште во мај 2013 година, актуелната власт предводена од ВМРО –ДПМНЕ тоа го вети, но како и многу други работи не ги исполни. Цело време се правдаат дека режимот на сообраќај бил добар, но граѓаните знаат дека тој не е се спроведува онака како што е пропишан. Имавме трпение две години зашто знаевме дека е тешко да се изработи таква стручна студија за регулирање на сообраќајот, но тие ја ветуваа, а сепак не ја исполнија, вели советникот Јован Стојаноски.
Според секретарот Спасески, предложениот сообраќаен режим е изработен од страна на стручни лица и добро функционира.
– Ниту еднаш во нивниот мандат не почнале постапка за правење на студија за Охрид. Ние по преземањето на власта, два пати објавивме, за жал неуспешен тендер за изработка на студија , бевме во преговори со техничкиот факултет од Битола, но сеуште нема кончено решение за изработка. Но зошто студијата се поврзува со носење на сообраќаен режим, не е исто. Режимот е изработен од стручни лица, има позитивно мислење од полицијата и е документ заснован врз научна основа ,вели Спасески.
На денешната седница меѓу другото, беа изгласани предлог одлуките за усвојување на Елаборат за проценка на штети од град настанати на 9- ти мај, за продолжување на работното време на угостителските објекти, за спроведување на мерки за субвенционирање на трошоци за комунални услуги, како и неколку одлуки од комуналната сфера и сферата на урбанизмот.
Т.К.