Како што тие истакнаа, на денес одржаната седма по ред седница на советот, нелогично е да се расправа околу предлог одлуката за давање согласност за утврдување цени за користење на паркинзите, кога веќе десет дена јавното претпријатие врши наплата.
Опозицијата запраша кој ќе сноси кривична одговорност што не се запазиле законските прописи и што се прескокнала процедурата.
– Познато е дека треба да се донеси одлука од страна на управниот одбор на претпријатието која потоа треба да биде одобрена од советот. Во овој случај наплатата почна согласно донесена одлука единствено од стран ана Управниот одбор. Целосно е погрешена постапката при носењето на оваа одлука, рече Јоне Станкоски од ВМРО- Народна партија. Станкоски потенцира дека до носењето на нова одлука од советот, ЈП е обрзано да ја почитува одлуката за наплата на паркинг , донесена на 16.07.2008 година и измените на таа одлука од 29.06.2009 година, според која во централното градско подрачје, цената за наплата треба да изнесува 30 денари за еден час и 10 денари за секој нареден час користење на паркинг просторот во сезона.
Според ВД директорот на ЈП Билјанини извори, Иван Цветкоски, одлуката да се почне со наплаќањето за паркинг пред десет дена, била оправдана и е согласно законските прописи. Приливот на средства допринел за подобрување на финансиската состојба во претпријатието, и овозможил вработените да ја добијат задоцнетата февруарска плата.
– Цените за наплата на паркинзите донесени во 2009 година, во сегашни услови за работа се нерентабилни. Претпријатието се наоѓа во тешка состојба, советот не е прескокнат, ако е потребно ќе сносиме одговорност јас како директор и Управниот одбор, рече Цветкоски.
Со мнозинство гласа за , предлог одлуката за давање согласност за измени и дополнување на Одлуката за утврдување на цени за користење на паркинг просторите со кои стопанисува ЈП „Билјанини Извори“, беше донесена.
Советот даде зелено светло и за Проектите за асфалтирање на улици во селото Косел, за изградба на локален пат од селото Вапила до Сирула, проектот „Светецот и Војводата – означување и уредување на историски и излетнички локалитети во општина Охрид.
Советниците не ги усвоија извештаите од работењето на јавните претпријатија за периодот од 1 јануари до 31 март годинава.