Зголемувањето на сметките за вода по корисник е околу 130 денари, а не само за паушалните 70 денари како што убедуваа, велат советниците од ВМРО ДПМНЕ. Тие потенцираат дека самото зголемување на цената на водата за пиење не е значително, но сметката ја оптоваруваат останатите износи предвидени за плаќање.
– Реагиравме во неколку наврати. Имаме подготвено материјал кои се бенефитите, односно кои се негативностите од ваквата одлука. Кога ја носеа одлуката велеа дека сметката ќе се зголеми само за паушални 70 денари, кои патем се неуставни, цената за одржување на колекторот, се воведува нова давачка за одржување на водоводен систем од 70 денари плус пресметано ДДВ. Некој ќе рече ВМРО ДПМНЕ ја почнал процедурата. Затоа можеби, поради некои работи падна ВМРО ДПМНЕ. Сега тие се на власт па нека работат во интерес на граѓаните, вели Кирил Пецаков, координатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата.
Градоначалникот го повтори ставот дека промените на тарифите за водата за пиење и одведување урабани отпадни води се извршиле согласно законот донесен од минатата власт во 2016.
– Сега цените ги утврдува Регулаторната комисија. Тие утврдуваат една приходна рамка која комуналните претпријатија треба да ја остварат и затоа претпријатијата започнуваат со усогласување на цените. Имавме две варијанти-или да се подигне цената за еден кубик на потрошена вода, од 25 на 30 денари, но ние пристапивме кон поинаков начин за промена на цената од 25 на 25,52 денари, а се воведува паушален надоместок кој го плаќаат сите. Сметаме дека на овој начин ги заштитуваме граѓаните затоа што овој паушал до сега не го плаќале оние кои не се постојани жители, а треба да плаќаат бидејќи во секое време имаат вода. Доколку не извршевме промена на цените, ќе имаше промени од страна на Регулаторната комисија, дури и од 25 на 39 денари за метар кубен, вели градоначалникот Јован Стојаноски.
Информација со Предлог-одлуките по однос на одлуката за давање на согласност на Одлуката за утврдување на тарифи за вода на МЈП „Проаква-РЕ Водовод Охрид и Одлуката за давање согласност на одлуката за утврдување на тарифа за собирање и одведување на урбани отпадни води за регулиран период 2018-2020 година на ЈП „Нискоградба“ –Охрид, како точка на дневен ред предизвика бурна расправа меѓу советниците од позицијата и опозицијата.
Долга расправа имаше и за точките поврзани со предлог планот за управување со отпад и предлог-програмата за управување со отпад на општина Охрид за 2018 година. Од страна на советниците од ВМРО ДПМНЕ се реагираше дека не содржат конкретни информации за мерките кои ќе бидат преземени во тековната година. Од одговорните беше кажано дека планот само дава насоки за управувањето со отпадот во општината.
На дневен ред на седмата седница на советот беа и предлог–одлуката за разрешување и именување член на управните одбори на ЈП Градски Пазар, предлог-одлуката за дополнување на одлуката за разрешување и именување членови во управниот одбор на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“-Охрид и за разрешување и именување член на управниот одбор на ЈЗУ „Здравствен Дом“. Опозицијата наведе дека членовите кои се именуваат не ги исполнуваат потребните критериуми и незаконски се поставуваат поради што и одлуките кои ги носат се незаконски. Од советниците од мнозинството беше кажано дека именувањето на членовите се врши со цел непречено работење на институциите и дека одредени проблеми во поставувањето на членовите на УО ќе има се додека не се смени постоечкиот закон, бидејќи е тешко да се најдат луѓе кои ги исполнуваат сите услови, проблем кој се провлекувал и во минатиот период.
На дневен ред на денешната седница беа и низа предлог одлуки од сферата на урбанизмот кои се однесуваа на легализација на бесправно изградени објекти.
Т.К.














