Од Охрид започнува одбројувањето на последните денови на режимот на Никола Груевски и неговата ненародна власт, порачаа учесниците на трибината на опозициската коалиција „За демократска Македонија“, што синоќа се одржа во Центарот за култура во Охрид. ВМРО НП, ЛДП, Достоинство и Обединети за Македонија, најавија дека нивната коалиција ќе биде одлучувачки фактор на политичката сцена и дека ќе се бари за враќање на демократија во земјата, која, како што беше истакнато, одамна ја нема.


Лидерот на ЛДП Андреј Жерновски во своето обраќање истакна дека се уште не знае дали оваа опозициска соработка ќе се прошири и со други партии, но знае дека таа ќе стави крај на владеењето на Груевски.

– Македонија е прва по невработеност во Европа, а јавниот долг оваа влада го зголеми за третина. Само во последните шест месеци граѓаните на Република Македонија се задолжени со една милијарда евра, рече Жерновски, посочувајќи дека 33 проценти од населението живее под прагот на сиромаштија, а државата наместо капитални инвестиции гради споменици и троши милиони на реклами. Тој изрази увереност дека здружената опозиција ќе биде одлучувачки фактор на наредните избори и ќе ја врати демократијата во Македонија.


Пред охриѓани се обрати генералот Стојанче Ангелов од „Достоинство“ кој најави дека коалицијата „За демократска Македонија“ ќе прерасне во сериозна политичка сила.

-Знаат дека оваа коалиција ќе стави крај на нивното владеење и затоа уште од сега почнаа да не напаѓаат и да ги спинуваат нашите изјави, но колку и да се добри спин мајсторите на ВМРО ДПМНЕ, колку да се гласни и убедливи медиумските мегафони на власта, нема да успеат да не предомислат во идејата за дејствување како четворна коалиција која ќе го претставува третиот македонски политички блок, рече Стојанов.


Марјан Огњеновски, потпретседател на Обединети за Македонија, ги критикуваше економските политики на владата, обвинувајќи ја дека се пресметува со политичките неистомисленици.

– Стејт Департментот нашиша дека во Македонија има политички затвореници, опишувајќи го апсењето на нашиот лидер Љубе Бошкоски. Затоа го повикувам претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов да го искористи својот авторитет и уставното право и да се ангажира за ослободување на Љубе Бошкоски исто како што се ангажира за ослободување на Јулија Тимошенко во Украина, рече Огњеновски.


На трибината свое обраќање имаше и лидерот на ВМРО НП, Љубчо Георгиевски. Тој посочи дека коалицијата „За демократска Македонија“ за само два месеци од формирањето се претвора во сила на која чекала земјата, чија главна цел ќе биде враќање на демократијата во Македонија, која според него е сериозно загрозена. Георгиевски ја критикуваше економската политика на владата, која ја обвини за нерационално трошење на јавните пари во скапи реклами, истакнувајќи дека се што таа прави е врз основа на задолжување на земјата со неповолни кредити кои се користат за исплата на пензии и плати за администрацијата.


Георгиевски, исто така, упати критики кон власта дека ја блокира евроатлантската интеграција на земјата со што ја загрозува нејзината иднина, додавајќи дека Македонија се наоѓа во економска депресија и се соочува со сериозни демографски промени.

-Погледнете колку луѓе се имаат иселено од вашите роднини, пријатели, комшии. Статистиката го потврдува тоа. Прв пат морталитетот во Македонија е поголем од наталитетот. Во 2012 година подеднакво ќе се родат христијани и муслимани во земјата. Тоа не го велам за да поттикнам некаков радикализам во нашата држава. Напротив, тоа ни е аларм за да се свестиме. Додека ги раскажуваме големите приказни нашата Македонија се отселува, а за десет години овој процент ќе стане процент на Република Македонија, рече Георгиевски.


Георгиевски најави дека опозицискиот фронт на претстојните локални избори ќе ја побара поддршката од граѓаните, на кои, како што истакна, здружените партии имаат што да им понудат.


На трибината, како гостин, присуствуваше градоначалникот на Охрид Александар Петрески со делегација од Локалната самоуправа.

OhridNews