Опремата во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) набавена од Израел, случајот „Пуч“, Изборите, обвинувањата за коруптивни зделки на битолскиот градоначалник Владимир Талески, како и уште еден случај во Куманово, се првите пет предмети кои ги побара Специјалното обвинителство од надлежните јавни обвинителства.
При одлучување околу фактот кои предмети првично ќе бидат побарани од обвинителствата, земена била предвид итноста на предметите, фазата во којашто се наоѓаат и нивната обемност.
Јанева го побарала предметот за набавката на опремата од Израел, предмет во кој СДСМ поднесе кривична пријава против поранешниот директор УБК, Сашо Мијалков, Светлана Костова, судијка во Вишиот управен суд и Хаим Хакијни, странски државјанин за злоупотреба на службената положба и примање поткуп. Според, СДСМ, во 2011 година, Мијалков преку НН фирма примил провизија од 840.000 евра, 540.000 евра и 200.000 евра како награда за склучување договор за набавка на опрема, по значително повисока цена од реалната.
Јанева го побарала и предметот „Пуч“, во којшто обвинет е лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Судењето за овој случај веќе почна во Основниот суд Скопје 1, но Заев не се појавуваше на рочиштата со образложение дека предметот треба да премине во надлежност на Јанева. Неизвесен е исходот на следното судско рочиште на „Пуч“, кое е закажано за на 2 декември, а судијката се закани дека Заев ќе биде стражарно приведен во судница.
Јанева, пак, има рок од 16 дена од упатеното барање за предметите да донесе одлука дали предметот е во надлежност на ова Обвинителство.
Исто така, изборните манипулации за кои обвинуваше опозицијата најверојатно ќе ги решава Јанева со својот тим. За овој предмет поднесена е кривична пријава против премиерот Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, за фалсификување исправа и повреда на избирачкото право.нМеѓу првите предмети коишто ги побара Јанева е и оној во кој е поднесена кривична пријава против битолскиот градоначалник, Владимир Талески. Според снимките што ги објави СДСМ, министерот за финансии, Зоран Ставрески го обвинува градоначалникот на Битола, Владимир Талески за коруптивни зделки со превозници. На снимката, што ја објави опозицијата, Ставрески го нарекува Талески „тежок криминалец“ кој за превоз на ученици потпишал „коруптивен до даска договор“.
„До Основното јавно обвинителство Куманово поднесено е барање за доставување на предметот заведен под КО бр353/15, оформен по поднесена кривична пријава од физичко лице, против НН лице – одговорно лице за комуникации во мобилен оператор и против правно лице за кривично дело – Неовластено прислушување и тонско снимање чл.151 ст.1 и ст.6 од Кривичниот законик“ соопштуваат од Специјалното обвинителство.
„По добивање на предметите од обвинителствата, очекуваме првите одлуки за надлежноста на ова Обвинителство да бидат донесени во законски предвидените рокови, кои не надминуваат 16 дена од упатеното барање за доставување на предметите. Имено обвинителствата од кои се побарани предметите имаат рок од 8 дена да ги достават истите, а потоа ова Обвинителство во рок од 8 дена треба да донесе одлука за надлежноста“, соопштуваат од Специјалното обвинителство.
Инаку специјалното обвинителство закупи простории кои ќе ги користи како работни простории се до целосно функционално уредување на просториите каде претходно се наоѓаше Агенцијата за млади и спорт. Привремените простории се наоѓаат во центарот на Скопје, во близина на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“. Обвинителството назначи и лице за односи со јавност, една од обвинителките од тимот, Ленче Ристова.
OhridNews
Извор:„Макфакс“