Наместо да патуваат и закажуваат прегледи за мамографија во вевчанската Општа болница која, засега, е единствената здравствена установа во околината која располага со апарат за вршење скрининг за рана детекција на карцином на дојка, од идната година охриѓанките прегледите ќе можат да ги вршат во Општата болница во Охрид. Охридската Општа болница ќе добие современ апарат за дигитална мамографија во вредност од над 100.000 евра.  

Засега прегледите се вршат во болницата во Вевчани со апарат кој е аналоген и со веројатност за детекција на карцином помала од 70%. Дигиталниот апарат кој очекуваме да го добиеме е 5 пати поскап од аналогниот, но прецизноста на снимката е 99%, вели портпаролот на охридската Општа болница, д- р Сашо Василевски.

Апаратот се очекува да биде набавен во текот на првите четири месеци од 2014 година. Првично прегледите два пати во неделата ќе ги врши доктор специјалист од Вевчани.

Мамографијата претставува испитување  на дојките со снимање кое користи рентген зраци. Се користи за откривање и оценка на промени во дојките. Најчесто се користи за откривање на рак кај жени кои немаат симптоми и ова се нарекува СКРИНИНГ МАМОГРАФИЈА. Исто така мамографијата се користи и кај жени кои имаат симптоми од дојките, како палпабилна грутка, болка, исцедок од брадавицата или имаат сомнителна промена која се гледа на скрининг мамографијата и ова се нарекува ДИЈАГНОСТИЧКА МАМОГРАФИЈА. Модерните мамографски машини користат ниски дози на зрачење за производство на х-зраци за снимање на дојката и добивање висок квалитет на слика. Денешната мамографска техника не носи зголемен ризик за појава на карцином на дојка кај жени кои правеле редовни, годишни мамографски снимања. Дозата на зрачење што се прима при една мамографија е еднаква на таа што телото ја прима од природата во тек на три месеци.

За жените кои се на возраст над 40 години се препорачува да се прави мамографија на една до две години.

Т.Кувенџиска