Општина Охрид и граѓаните не живеат во минатото, но уште долго ќе ги чуствуваат последиците од 32 милиони долг на општината, што секојдневно се оддразуваат врз животот на граѓаните и функционирањето на локалната самоуправа, се наведува во реакцијата од локалната самоуправа по соопштението од ЛДП,а во врска со првите 100 дена од мандатот на градоначалникот Бакрачески.

–    Можеби за ЛДП- Охрид и за нејзиниот претседател, минорни се активностите во овие 100 дена од мандатот на Градоначалникот Бакрачески, но за граѓаните на Охрид тие значат 25 000 м2 новоасфалтирани улици, 1700 м2 закрпени улици, 2000 м нов водовод, средени паркови, ред во такси превозот, културни содржини кои му даваат посебен белег на градот и многу разговори со потенцијални инвеститори кои пројавуваат интерес за вложување во Охрид, се наведува во реакцијата.

Меѓу другото, во неа се изразува надеж дека ЛДП, во духот на принципиелноста, ќе изнајде сила да ги осуди сите случувања во минатото, кои довеле  до тешка финансиска состојба со која се соочува општина Охрид.

–    ЛДП најпрво да го осудат начинот на фиктивно  ангажирање на лица во локалната самоуправа, во кои има и дел од нивното минорно членство, каде наводно се  ангажирани преку непостојниот Договор за дело во општина Охрид. Тие лица без НИТУ ЕДЕН ДЕН ПОЈАВЕН НА РАБОТА од општината противправно инкасирале по 30.000 денари месецно за периодот од јануари-март оваа година, иако ниту некој ги видел, ниту тие извршувале некоја услуга. Новата локална власт се соочи со 160 вакви времени договори кои за милионски суми во денари го оптеретиле општинскиот буџет. За сите оние кои на таков начин противправно ја оштетиле општината и граѓаните на Охрид, поведена е законска постапка за враќање на средствата. Од Либералната партија очекуваме само морална осуда на ваквите незаконски дела, стои во реакцијата.

OhridNews