Општина Дебрца ја доби првата битка во активностите што ги спроведува против плановите за изградба на регионалната депонија за цврст отпад во атарот на селото Годивје, јавува МИА.

Општината добила позитивно решение по жалбата што општината ја поднесе против начинот на кој била донесена Студијата за оцена на влијанието врз животната средина за оспоруваната локација кај Годивје. Општината испратила жалбено барање до Државната комисија за одлучување во управна постапка, во кое  се посочува оти Студијата за оцена на влијанието врз животната средина и другата потребна документација од страна на ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање се донесени во нетранспарентна постапка, без да се земат во предвид мислењета на засегнатите страни и со непочитување на одредбите на Законот за животната средина.

Комисијата за одлучување во управна постапка го уважило жалбеното писмо, донела одлука за поништување на решението на МЖСПП и предметот го враќа на повторно разгледување.

Инаку, граѓаните на Дебрца се спротивставија на предлог-локацијата за изградба на депонија кај Годивје уште од самото презентирање на проектот, најавувајќи дека нема да дозволат изградба на депонија во еколошка чиста средина. Нивната решеност ја потврдија на референдумското изјаснување спроведено во октомври 2017 година заедно со локалните избори. На референдумот против изградба на депонија на нивна територија се изјаснија дури 87 отсто од оние граѓани на Дебрца што излегоа на гласање.

OhridNews
извор: Миа