Градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски, распиша јавен конкурс за стипендирање на најдобрите 20 ученици, односно десет од основно и десет од средно образование, жители на општина Дебрца. Стипендиите ќе изнесуваат по 1000 денари за ученици од основното образование и 1500 денари за учениците од средно образование, за времетраење на учебнатата година, односно 9 месеци.
Кандидатите кои се пријавуваат на јавниот конкурс треба да ги исполнуваат следните услови:
– учениците од прво до осмо одделение по стара, односно учениците од прво до девеетто одделение по новата образовна програма да имаат одличен успех и да покажале примерно поведение.
– Учениците од прва до трета, односно од прва до четврта година средно образование да имаат одличен успех и примерно поведение.
Дополнително ќе се вреднуваат учениците кои се наградувани по било кој основ на општински, регионални и други натпревари. Со пријавите кандидатите треба да приложат свидетелства од претходната учебна година, извод од книга на родени, дополнителни награди, признанија и пофалби. Јавниот конкурс трае пет дена од денот на објавување.
Изборот на ученици ќе го врши комисија составена од три члена, од кои двајца членови од локалната самоуправа и еден од образованието- наставник или професор. Известувањето за извршениот избор ќе се достави во рок од пет дена по донесувањето на одлуката. Пријавите да се поднесуваат до општина Дебрца- градоначалник, село Белчишта со назнака „ за јавен конкурс“. Некомплетните и ненавремно доставени документи нема да се разгледуваат.
OhridNews