Терминот-локална самоуправа позната по бекатон плочки, доследно ја отсликува локалната самоуправа која вие ја предводевте. Граѓаните не забораваат дека бекатон плочки поставувате еднаш или ниеднаш, најчесто неадекватни за просторот каде се поставуваат, а за истите повеќекратно плаќавте фактури и така успеавте Охрид да го направите најзадолжен град можеби и во светски рамки, се наведува во реакцијата на локалната самоуправа по денешниот допис од општинската СДСМ.

– Уште еднаш јавно кажуваме дека Охрид се задолжил и тие долгови достигнале највисоки цифри во времето кога СДСМ осум години владееше со Охрид. Ние денес со гордо крената глава горе може да Ви кажеме дека за време на нашиот мандат вративме сума нешто повисока од 13 милиони евра, долгови кои се ваши и само ваши, а притоа сите обврски кон економските оператори кои работеле со Општина Охрид во изминатиот четири годишен период се подмирени, велат од локалната самоуправа.

Оттаму додаваат дека речиси сите граѓани ги гледаат делата на актуелната Локална самоуправа и ги чувствуваат придобивките од илјадниците метри асфалтирани улици, изградба на водоводни и канализациони мрежи, уредени тротоари, инвестиции во спортот, културата, социјалата, образованието, промоција на Охрид во светски значајни центри и метрополи и многу други активности кои ги отсликуваат потребите на граѓаните на Охрид.

– Во однос на капиталните проекти за разлика од вас кои секоја година од вашиот мандат на Охрид му ветувавте затворен зелен пазар или пак ја срушивте автобуската станица во центарот на Охрид и ја заменивте со згради, во наше време во Охрид се градат и современ пазар и современа автобуска станица. Наскоро започнува изградбата и на старечкиот дом. Делата не разликуваат нас од вас. Ако се сублимираат сите резултати од работењето на оваа Локална самоуправа во изминатите четири години, недвојбено е мислењето дека таа за четири години направила повеќе отколку сите претходни локални самоуправи во периодот на независна Македонија заедно, велат од локалната.

Оттаму упатуваат прашање до ОО на СДСМ, дали со нивен налог охридската полиција, ги опструира проектите кои Локалната самоуправа ги има отпочнато, а се во интерес на граѓаните, со цел истите да не се завршат.

OhridNews