Градоначалникот Бакрачески и општина Охрид во изминатите реализираат активности за подобрување на јавната инфраструктура и осовременување на јавниот простор, преку вклучување на општинските јавни претпријатија во нивната реализацијата. Нешто што беше апсолутно незамисливо во 8 годишниот мандат на СДСМ во Охрид, се наведува во реакцијата од локалната самоуправа по денес одржаната прес конференција на ОО на СДСМ.

– Јавниот интерес и општинските јавни претпријатија никогаш не котирале на листата за поддршка на СДСМ во Охрид. Токму затоа и покрај тоа што во нивниот мандат не е реализиран ниту еден единствен капитален објект во општината, само две охридски приватни градежни фирми блиски до СДСМ и поранешниот градоначалник, наплатиле точно 310 милиони 650 илјади денари пари од општинскиот буџет и дополнително ја задолжиле општината за  уште 40 милиони денари. На овој начин, наместо за уредување на јавни површини кои ќе бидат во функција на граѓаните, како што е изградбата на малиот современ градски плоштад, со години парите од граѓаните се одлевале за некои други интереси, велат од локалната самоуправа.

Оттаму, додаваат дека градоначалникот Бакрачески и Владата на Р.Македонија ги реализираат дадените ветувања, меѓу кои се и изградбата на малиот градски плоштад, функционирањето на спортската сала ” Тодор Александров” во Велгошти, отворањето на детски градинки, асфалтирање на улици во градот и приградските населби и преку проектот за автопатско поврзување Охрид и Кичево и уште многу други започнати проекти.

OhridNews