После спроведената контрола на работењето на охридските плажи, а и по поплаките кои пристигнуваат од страна на гостите-корисници на плажите, Општина Охрид  со предупредување до концесионерите за нивно целосно придржување до Договорот за краткотраен закуп на плажи.

–    Со преземањето на ингеренциите за управување на земјиштето вдолж Охридското Езеро, Општина Охрид од оваа година го регулира спроведувањето на Договорот за краткотраен закуп на плажите, кои Вие го имате прифатено. Како што претходно бевте информирани, како концесионери-закупци на плажите имате обврска да се придржувате кон Договорот  што го имате потпишано, а кој предвидува правна обврска која мора да ја реализирате. Од нашите досегашни анализи на состојбата со плажите кои ги стопанисувате, а и по негативните реакции од корисниците на плажите, констатирани се низа неправилности кои под итно треба да бидат отстранети, се наведува во дописот од локалната самоуправа до концесионерите на плажите.

Локалната самоуправа ги потсетува закупците дека, согласно потпишаниот договор, меѓу другото, тие имаат обврска и мора да се придржуваат кон режимот на користење на плажите, одсносно работното време да биде согласно Одлуката на Советот на општина Охрид, а во зависност од локацијата и околниот простор, како не би се нарушило нормалното користење на околните објекти.

– При планирање на просторот, 40% -60% од плажата да биде СЛОБОДЕН за користење без оптоварување со лежалки и други реквизити, потенцираат од локалната самоуправа.

Општина Охрид ги потсетува закупците на плажите дека, развојот на туризмот и подобрувањето на туристичката понуда е комплексен систем и во него учествуваат сите чинители на туризмот и дека секое непридржување кон поставените правила, негативно се одразува врз останатите субјекти кои работат во туризмот. Од Локалната самоуправа потенцираат дека нема да се толерира отстапување  од  Договорот и ќе се инсистира на негово доследно спроведување.

 – Доколку и понатаму се отстапува од обврските кои  ги прифатиле, Општина Охрид има законска обврска да го санкционира таквото однесување, а истовремено  напоменува дека согласно член 7 ќе поведе постапка за еднострано раскинување на Договорот, велат од локалната самоуправа.

OhridNews