Огромниот број на домашни и странски туристи кои оваа летна сезона го преплавија Охрид се доволна потврда на заложбите на локалната власт градов да стане модерна туристичка дестинација. Поставувањето на урбаната опрема во централното градско подрачје е во склад со одлуките на Советот на општина Охрид чиј дел сте токму вие, стои во реакцијата на локалната самоуправа во врска со прес конференцијата на советничката од ВМРО ДПМНЕ, Лидија Петкоска.
-„Лесковачкиот-роштиљ“ туризам, бокс апаратите, надуените реквизити, беа обележје и минатото лето и годините пред тоа, кога локалната власт беше во Ваши раце. Полека но сигурно го расчистуваме хаосот што во сферата на туризмот ни го оставивте вие. Се соочуваме и решаваме проблеми со луѓе кои години наназад вие сте ги научиле да продаваат сувенири и реквизити на несоодветни места. Големиот хаос не се решава преку ноќ. Ја реконструиравме и асфалтиравме улицата „Македонија“, а во тек е подготовката и на основен проект за реконструкција на самиот кеј. Работиме на проекти со кои центарот ќе добие нов лик со строго дефинирани и типизирани места за продавање, велат од локалната самоуправа.
OhridNews












