Тажно, но и комично е кога некој, како што е ОО СДСМ од Охрид, дели лекции за почитување на законите  и „стручност“, а не  кажува  ниту збор дека  нивни кадри, цели осум години,  незаконски и расипнички  ги трошеа народните пари и  ја задолжија општина Охрид со над 33 милиони евра. Наместо да дадат одговори на овие прашања тие  лицемерно продолжуваат со тактиката да не одговораат на овие прашања и да  ги манипулираат граѓаните, се наведува во реакцијата на општина Охрид, по повод денешната прес-конференција на ОО СДСМ Охирд.

„Нивните најнови напади врз сегашната локална самоуправа и градоначалникот Никола Бакрачески, дека не се грижеле за спортот е крај на лицемерието и очигледен обид  да се лаже јавноста. Доколку ги познаваа законите, ќе знаеја  дека локалната самоуправа пред се треба да го стимулира развојот на масовниот и училишниот спорт. Знаат дека е така, но невешто  глумат и се обидуваат пак со лаги, да ја убедат јавноста дека  новата локална власт не ги помага спортските клубови, кои сега се трансформираат во акционерски друштва.“  – велат од општина Охрид.

Оттаму потенцираат дека локалната власт и градоначалникот на Никола Бакрачески, го ветиле и реализирале проектот, Охрид да има суперлигаш во ракомет.

 „Сметаме дека е неопходно и овој пат да им го освежиме помнењето, кое најизразито го губат пред секои избори. Ги потсетуваме дека оваа локална власт на чело со градоначалникот Никола Бакрачески, вети и го реализира проектот- Охрид да има суперлигаш во ракомет. Покрај  помошта  од локалната  самоуправа , беше анимирана и бизнис заедница,  со што се заокружи правниот статус и финансирањето на суперлигашот. Ова кусо образложение во ОО СДСМ  треба да го сфатат како поучен пример, како се реализира она што е ветено.“ – потенцираат од општина Охрид.

Од локалната самоуправа реагираат дека во времето на претходната власт, биле уништени повеќе спортски клубови.

„Ние веднаш почнавме со бројни активности да ги санираме направените штети. На спортските екипи им обезбедуваме превоз и бесплани тренинзи во спортската сала, и помогнавме на олимпијката Нина Балабан, светскиот вице-шампион Гоце Мојсоски и организиравме големи спортски настани. Го организиравме финалето на Купот во кошарка на Македонија,  ќе го организираме  финалето на Купот во ракомет на кои ќе учествуваат нашите и европски ракометни гордости, екипите на „Вардар“ и „ Металург“, а ќе бидеме домаќини на Гимназијадата на која ќе учествуваат околу 500 ученици.“ – реагираат од општина Охрид.

Оттаму додаваат дека градот ќе добие затворен пливачки базен во предвдениот рок, во тек е изработка на основниот проект за пливачкиот базен кој ќе биде еден од најголемите спортски објекти во земјава.

„Отпочна со градба фудбалско игралиште со вештачки трева, во тек е тендерот за набавка на реквизити за изградба на 30 игралишта за маалски баскет, во тек е реконструкција и изградба на фудбалско игралиште во Лескоец, ќе се градат  училишни и детски игралишта и многу други нешта на кои ќе им се радуваат сите, а дали ќе се радуваат или поинаку ќе реагираат  во СДСМ , сами нека одлучат.“ – стои во реакцијата на општина Охрид.

OhridNews