Одобрението за градење на хотелот во Лагадин е издадено во законски пропишана процедура со прибавување на сите потребни документи пропишани според законот за градење, тврдат од локалната самоуправа. Оттаму ги отфрлааат обвинувањата на жителите на Лагадин дека станува збор за хотел со шест ката, кој се гради во заштитен појас покрај езерото и дека е донесено незаконско одобрение без согласност на Министерството за животна средина и Министерството за транспорт и врски.
Лилјана Јоноска, претставник од секторот за урбанизам, ваквите обвинувања ги оцена како неосновани, манипулативни и шпекулативни, презентирајќи ги сите документи кои биле прибавени, а кои му претходеле на одобрението за градба.
– Како и за секое одобрение за градба така и во овој случај предходеше постапка за донесување на соодветна урбанистичко-планска документација. Во конкретниов случај се работи за општ акт за село Лагадин кој е донесен со Одлука на Совет на општина Охрид во 2015 година. За општиот акт за село Лагадин добиена е согласност од Министерство за транспорт и врски, добиено е позитивно мислење од Јавното претпријатие за државни патишта, позитивно мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање од аспект на заштита на водите, мислење без забелешки од Јавната установа Национален парк Галичица, а на 12.05.2015 година националната комисија на УНЕСКО е известена од страна на општина Охрид, рече Јоноска.
Таа додаде дека издаденото одобрение за градење се однесува на хотелски комплекс, објект од втора категорија со катност приземје плус три ката.
– До секторот за урбанизам беше приложен комплетен идеен и основен проект, во кој се констатира дека објектот е со катност приземје и три ката, паркирањето е решено во целост во рамки на градежната парцела, а хотелот ќе содржи 11 апартмани и 6 соби или вкупно 34 легла, што е далеку од хотел со 1600 легла, рече Јоноска.
Таа ги презентира и добиените мислења и согласности од НУ Завод и музеј Охрид, водостопанската согласнот издадена од министерството за животна средина како и решението за одобрување на елаборат за заштита на животна средина издадено до надлежното министерство.
Во врска со обвинувањата дека не била консултирана јавноста, Јоноска рече дека секој има право да има увид врз Деталниот урбанистички план, а доколку некој поднел барање за извод од план, а на барањето не му било одговорено подолг период, тоа ќе биде проверено.
Јоноска потенцира и дека се решени сите имотно правни односи поврзани со имотот на кој се гради хотелот.
За распишаната петицијата од локалната самоуправа велат дека е граѓанска иницијатива која ќе биде разгледана, но нема да има влијание врз текот на градежните работи.
OhridNews