Од денес па се до 15.12.2021 година, Општина Охрид на јавен увид на јавноста ја става изработената стратегија за млади на Општина Охрид со цел засегнатите чинители да можат да дадат свои предлози, идеи, забелешки и видувања на истата. По завршувањето на јавната презентација, стратегијата за млади на Општина Охрид ќе биде доставена на усвојување од страна на Советот на Општина Охрид, информираат од Локалната.

Општината ја изработи стратегијата во партнерство со консултантската компанија „Таргет комуникации“ од Скопје, која беше избрана на тендерска постапка. Во рамки на стратегијата се вметнати и заклучоците од спроведената  анкета на примерок од 110 испитаници- млади лица на возраст од 15 до 29 години.

Стратегијата за млади ги поставува основните принципи и насоки за дејствување на сите чинители во општеството кои во крајна линија ќе доведат до остварување на потребите, правата, но и интересите на младите луѓе. Содржината на Локалната стратегија за млади ги опфаќа стратешките приоритети, клучните предизвици со кои се соочуваат младите во Општина Охрид и долгорочните цели презентирани низ тематските области. Документот се однесува на период од следните пет години, информираат од Општина Охрид. 

Локалната младинска стратегија се наметна како потреба од општествените состојби на локално, но и на национално ниво во поглед на потребите, но и предизвиците пред кои се исправени младите.

 

OhridNews